Во Малиот салон на Галеријата „КО-РА“ од вчера љубителите на уметноста имаат можност да ја проследат и изложбата на Ленче Коцевска насловена „Моја бесмртна љубов“. Покрај оваа, во салоните на „КО-РА“ во тек се уште две изложби – во Големиот салон е поставена изложбата на Марк Јанура, „Микро универзум“, а во Новиот салон – сутерен изложбата на Риџет Ферати насловена „Зарем“.

По повод отворањето на самостојната изложба на Ленче Коцевска историчарката на уметност Виолета Калиќ истакна, дека оваа авторка подолг период е посветена на истражувањата во сферата на цртежот и експериментирањето со повеќе техники, вклучувајќи разнородни комбинирани техники, фотографија, па се до дигиталниот принт, компјутерската графика, колажирањето, silver ink и фјужн стилот.

– На оваа изложба Ленче Коцевска побудува љубопитност и нé изненадува со нови истражувања и експериментирања со колажните инсерции и внесувањата на третата димензија со што сликата излегува од површината и добива пластичност, со колажни перфорирани динамични елементи кои конструираат алузија на движење и разнородни мултиплицирани сооодноси кои укажуваат на многузначноста на просторот, времето и движењето, кои како феномен добиваат покрај својата универзалност во значењето, со акцентиран реалтивитет во перцепцијата, воедно и едно интимистичко согледување исполнето со кревка лиричност кое го сугерира уметницата преку својот светоглед каде го акцентира значњето на кругот и присаството на симболот кој го сугерира и геометризмот во композицијата, истакна Виолета Калиќ, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Ј.У.Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје по повод отворањето на оваа самостојна изложба на Ленче Коцевска која е подржана од Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2021 15:44