Со концерт на руска класична музика во Музејот на македонската борба, вечер свечено ќе бидат отворени Деновите на руски јазик и култура во земјава на иницијатива на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На концертот вечер ќе учествуваат еминентните македонски музичари Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, Марија Вршкова, а ќе бидат изведени дела на Рахманинов, Чајковски и Шостакович.

Во рамки на програмата на манифестацијата, што ќе трае до 30 октомври, утре вечер, љубителите на руската кинематографија во Кинотеката ќе можат да го погледнат воениот филм на рускиот режисер Андреј Богатирјов „Црвениот призрак“ со превод на македонски јазик.

На 25 септември за сите што ја сакаат руската култура, историја и јазик Рускиот центар организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“. Квизот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а победниците ќе добијат интересни награди со руска симболика.

Од 26 до 28 септемвриво Рускиот центар ќе се одржи Третата меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“. На конференцијата ќе присуствуваат околу 60 учесници од 10 земји. Покрај различни научни секции, ќе има посебна секција посветена на 200-та годишнина на големиот руски писател Достоевски.

Отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ ќе се одржи на 29 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, на која ќе има можност да се разговара со уредници на познати македонски издавачки куќи. Тие ќе говорат за местото на руската книжевност во нивните издавачки програми, а исто така, и за застапеноста на класичната и современата руска литература во македонската издавачка сфера.

– Месецот октомври ќе биде посветен на посета на училишта каде се изучува рускиот јазик во Македонија. За учениците ќе се одржат кратки предавање за Русија, руската култура и литература, а на библиотеките на училиштата ќе им бидат подарени книги на руски автори во превод на македонски, наведуваат организаторите.

Настанот се реализира на иницијатива на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Русија во Северна Македонија и компанијата „Лукоил Македонија“, а се финансира од страна на Фондацијата „Руски Мир“.

Влезот на сите настани е бесплатен. За влез е потребен сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19. Поради ограничен број места, задолжително е пријавувањето на ruskicentar@ukim.edu.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2021 13:54