Студентите на најстариот и најголем универзитет во земјава идниот петок ќе ја почнат новата академска 2021/2022 година со комбинирана настава во зимскиот семестар – онлајн и физичко присуство, според самостојна одлука на секој од 23-те факултети на УКИМ и во зависност од големината на групите и од спецификите на студиските програми.

За предавањата со присуство на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ нема да се бара сертификат за вакцина или ПЦР-тест и, поради немање универзален протокол за високото образование, ќе се применуваат генералните мерки за заштита од вирусот – заштитни маски, дезинфекција и физичко растојание.

Претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Ева Цветковска во интервју за МИА вели дека очекува оваа година да биде подобра за факултетите кои, како и училиштата, беа затворени за настава од 11 март 2020 година и студентите физички беа присутни на испитни сесии.

За успешна година Цветковска се надева дека на студентите ќе им помогне и новата Ilearn интегрирана платформа која овозможува постојана директна комуникација со предметните професори.

Претседателката на УСС на УКИМ вели дека во минатата година немало поголеми пречки со изведбата на наставата, туку поголем проблем било демотивираноста на студентите.

-Се надеваме дека кога веќе знаеме како да функционираме во овие услови, оваа година ќе биде уште подобро со новата платформа, и што поскоро ќе се вратиме назад во нашите клупи, рече Цветковска, која е на последна година од магистерските студии по меѓународно право и односи и право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Пред еден месец соопштивте дека во зимскиот семестар од учебната 2021/2022 година ќе се применува комбиниран модел на настава (онлајн и со физичко присуство) откако анкетата што ја спроведовте покажа поделеност на студентите по ова прашање. Дали имате податоци по факултети за број на студенти според начинот на кој ќе ги следат предавањата?

– Секој факултет има право да одлучува дали наставата ќе ја спроведува со физичко присуство или онлајн. Сè зависи од дадените специфики, потреби и можности. Одредени факултети, на пример Медицинскиот, Електро итн., имаат задолжителни вежби кои ги спроведуваат со физичко присуство преку групирање на студентите во помали групи.

На некои факултети, пак, има групи кои се помалку бројни, најчесто групите на мастер студии или насоки со помалку студенти. Тие дозволуваат настава со физичко присуство, додека други групи на истиот факултет се премногу бројни, па за нив наставата ќе се одвива онлајн.

Дали за физичко присуство на предавањата студентите ќе имаат обврска за сертификат за вакцина или ПЦР-тест?

– Немаат обврска за сертификат или тест, единствена обврска е да се спроведат и почитуваат протоколите за заштита од КОВИД-19. Студентите сè повеќе дознаваат и за вакциналниот пункт на УКИМ и интересот расте од ден на ден.

Се надеваме и апелираме студентите да ја искористат оваа можност која ни е дадена со пунктот, за што поскоро да се вратиме на настава со физичко присуство.

Одговорено ли е на вашето барање да се допрецизира Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, привремени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови иалгоритми за постапување и заштита од КОВИД-19 во високото образование?

– Комисијата за заразни болести донесе заклучок дека секој универзитет/факултет треба самостојно да подготви свој протокол врз основа на своите специфики за одржување на наставата.

Во протоколите за работа треба да бидат вметнати основните задолжителни барања: задолжително носење заштитна маска во затворен простор, одржување физичка дистанца од еден до два метра, хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влез во предавалните, негрупирање во поголем број на луѓе итн.

На барање на УСС на УКИМ за сеопфатна дигитализација на Универзитетот, од оваа академска година ќе биде имплементирана Ilearn платформата за далечинско учење. Што ќе им овозможи таа на студентите и кои се придобивките во однос на алатките за онлајн-настава што досега беа користени?

– Ilearn претставува интегрирана платформа за далечинско учење каде студентите ќе можат да се најавуваат на таканаречени курсеви на својот факултет.

Платформата на студентите ќе им овозможи постојана директна комуникација со предметните професори, ќе може да ги следат предавањата преку teams (оттука и интегрирана), ќе бидат прикачувани ресурси и материјали за учење, соопштенија, прашалници итн.

Колку се студентите задоволни од начинот на кој се реализираа предавањата и испитните сесии во изминатата една и пол година од појавата на КОВИД-19, стигнуваат ли поплаки од нив до УСС на УКИМ и за што најчесто?

– Факт е дека онлајн-предавањата не можат да го дадат оној квалитет кој може предавањето со физичко присуство. Сепак, факултетите успеаја некако да се адаптираат на новонастанатата ситуација.

Немаше поголеми проблеми со изведбата на наставата, туку повеќе беше демотивацијата која ги обзема студентите. Се надеваме дека кога веќе знаеме како да функционираме во овие услови, оваа година ќе биде уште подобро со новата платформа, а и дека што поскоро ќе се вратиме назад во нашите клупи.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2021 13:15