Вулканската ерупција на малиот канарски остров Ла Палма уништи стотици домови, патишта, полиња… Но, една куќа е чудесно поштедена.

Како што може да се види на повеќе снимки и слики, лавата тече околу куќата во селото Ел Параисо (на македонски јазик: „Рај“). Зданието во тн. канарски стил ѝ припаѓа на пензионирана двојка од Данска. Тие двајцата имаат над 80 години и не го посетиле островот од појавата на пандемијата на коронавирус, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“.

„Смирени сме што таа сѐ уште стои. Во одреден миг ќе можеме повторно да уживаме во куќата. Или пак, ќе им ја препуштиме на нашите три деца”, велат сопружниците во солзи.

Холандскиот претприемач, кој ја изградил куќата вели дека сите плачеле кога дознале оти нивната сакана куќа е недопрена.

Вулканот во природниот парк „Кумбре Виеха“ исфрла пепел, карпи и лава на околу 1.000 степени Целзиусови од неделата. Уништени се и посеви со банана, патишта и далноводи. Сепак, засега нема жртви, ниту повредени луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2021 03:00