Бројни закани за убиство се упатени кон претседателот на Фудбалската федерација на БиХ, Вицо Зељковиќ, откако беа изречени строги казни за прволигашот Вележ од Мостар поради прекинатиот првенствен натпревар против Борац Бања Лука и палењето на автомобилот на главниот судија на дуелот одигран во вторникот.

Натпреварот меѓу Вележ и Борац во средата официјално беше регистриран со службен резултат 3-0 во корист на тимот од Бања Лука, стадионот на Вележ е суспендиран на шест натпревари, претседателот на клубот Шемсудин Хасиќ доби двегодишна суспензија, додека на екипата од Мостар и се одземени три бодови и изречена им е парична казна во износ од 5.000 евра.

– Примив десетици заканувачки пораки и секако дека ќе ги пријавам во полиција. Ми се закануваат со убиство, изјави синоќа Зељковиќ за локалните медиуми, порачувајќи оти заканите нема да го уплашат.

Во Мостар во вторникот беше прекинат фудбалскиот натпревар меѓу Вележ и Борац, откако гостинската екипа поведе со 2-0. На теренот влегоа поголем број домашни навивачи, а на стадионот физички беа нападнати официјални лица на Борац, како и фудбалери на бањалучкиот прволигаш.

Ноќта по натпреварот, во тунел недалеку од Јабланица било пресретнато возилото на главниот судија на натпреварот Сабрија Топлавоиќ, со кого во автомобилот во време на инцидентот се наоѓале и помошникот судија Адмир Шеховиќ и судискиот контролор Аднан Алиспахиќ. Непознати напаѓачи со палки и метални прачки ги искршиле прозорците на автомобилот, по што фрлиле факел во возилото, кое потоа се запалило.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2021 03:00