На пладневна прошетка низ Старата скопска чаршија, кандидатката за градоначалник на град Скопје Данела Арсовска, заедно со Беким Сали, кандидат за градоначалник на Општина Чаир и Зуди Кока, носител на листа на советници на Општина Чаир ги посетија дуќаните и разговараа со занаетчиите за нивните дневни активности, дали духот на скопското култно место сѐ уште е присутен.

Чаршијата е омилено место на многу скопјани, уникатна и полна со традиција, претставува обележје на градот. Многу малку држави имаат вистинска стара чаршија каква што имаме ние и затоа сметам дека локалната власт треба да се вклучи повеќе во одржување на автентичноста на чаршијата како и со поддршка за занаетчиите во нивната дејност. Нема некој кој не ја посетил и кој не е воодушевен од неа. Таа е центарот за собирање на сите генерации, голем број уметници, многубројни туристи. Тесната калдрма, занаетчиските објекти, чајџилници, музеи, цркви, џамии и амами се само дел објектите од чаршијата. Живее во духот на традицијата и крие интересни приказни за едно минато кое оставило белег буквално во секое ќоше. Но потребно е континуирано да се вложува во програми за заштита и реставрација на културното богатство, изјави Арсовска.

По официјалната прошетка низ чаршијата, Арсовска, Сали и Кока испија турски чај во една чајџилница и разменија идеи како заедно да помогнат за чаршијата, да се задржи нејзината убавина и како да се привлечат повеќе туристи и љубители на стариот занает. Ова место, кое му дава необичен шарм на главниот град, со своето духовно наследство што датира уште од 12-ти век, е навистина одличен туристички и економски потенцијал за Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2021 04:31