Терминалите за отпечаток од прст нема да бидат поврзувани никако на интернет на денот на гласањето за локалните избори, заради опасност од хакирања и други напади, што значи целосно ќе бидат офлајн, објасни вечерва во „Што не е јасно?“ на Алфа претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

Според него секој терминал на секое гласачко место ќе се полни со сите податоци за запишани гласачи во избирачкиот список за тоа место, кои ќе бидат целосно криптирани и нема да може да ги гледа никој освен кога со отпечаток од прст ќе се отвораат. Во случај да не го препознава отпечатокот од прст терминалот, втора варијанта ќе биде ставање во самиот терминал на личната карта или пасошот на скенирање. А ако и тоа не успее, како што рече Даштевски , третата опција е внесување на податоците преку тастатура на самиот апарат.

-Ако се случи прекин на некое гласачко место заради расипување на терминалот за отпечаток од прст, се прави прекин на гласањето, се носи друг, и потоа ќе се продолжи гласањето за периодот колку што било прекинато. Алтернатива спреј и УВ-ламба е ако тој терминал никако не може да се вклучи и да работи. Но, дури и да продолжи гласањето со спреј и лампа, во избирачкиот список ќе има една графа плус за оставање на отпечаток од прст, кој потоа со специјални скенери ќе се провери дали со него се идентификува лицето кое гласало, вели Даштевски.

Тој гарантира повикувајќи се на гаранциите од германската фирма добавувач, дека со фингерпринт апаратите речиси е еневозможно гласање на повеќе лица за неколку секунди. Убеден е дека изборниот процес на овој начин ќе биде најчист до сега. Ако се случи кршење или крадење на терминалите од гласачките места, тогаш следуваат соодветни кривични и други видови одговорност за сторителите.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2021 04:31