Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска во Брдо кај Крањ ќе учествува на Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан.

Состанокот е во организација на Националното собрание на Република Словенија, а во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. Настанот е продолжение на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан, кој се организираше втор пат во мај оваа година во Европскиот парламент во Брисел.

Како што соопштија од Собранието, предвидено е во воведниот дел на состанокот, свои излагања да имаат претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, претседателот на Европскиот парламент Давид Марија Сасоли, министер за надворешни работи на Република Словенија Анже Логар и претседателката на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Република Словенија Моника Грегорич.

Главната дискусија,како што се наведува, ќе биде насочена кон улогата на парламентите во враќањето на довербата за процесот на проширување на ЕУ, каде со свое обраќање ставовите ќе ги искажат претседателите на парламентите од Западен Балкан, вклучително и претседателот на Собранието Џафери.

Исто така, предвидена е дебата со претставници на младите од регионот на Западен Балкан, како дел од дебатата за Конференцијата за иднината на Европа, на која тие ќе имаат можност да искажат свое мислење за тоа во каква Европска унија сакаат да живеат, до кој степен младите луѓе од Западен Балкан ја гледаат нивната иднина и нивната земја како дел од ЕУ и на кој начин Унијата треба да се реформира за да биде поефикасна, побезбедна и попросперитетна за своите граѓани.

На крајот на состанокот, планирано е усвојување на Заедничка изјава од страна на учесниците, која ќе биде испратена до Европскиот парламент, Европската комисија, до учесниците на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан, како и до Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 10:24