Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ. За жал и покрај исполнeтите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО, ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати. За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, рече во обраќањето на Научниот собир во МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“ по повод 30 години независност, поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

-Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски.

Тој се осврна и на уште една тема околу нашето европско интегрирање, кое вели, се смета за наша единствена опција.

-Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива, праша Црвенковски.

Тој кажа дека исто не гледа алтернатива ни на исток, ни на далечниот исток, но праша дали во таков случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава и без полноправно членство во ЕУ.

-Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци. Па ако е логично што не попречува така да се однесуваме кон сопствената земја, рече поранешниот претседател Црвенковски.

Тој при тоа укажа на неколку причини, кои ги смета за клучни што не попречуваат така да се однесуваме кон државата, а тоа се вели корупцијата, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана и дека сме држава која живее на кредити. Во корумпирана држава, рече, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството, нема квалитетно образование, ниту квалитетно здравство, ниту елементарна доверба во институциите. Додаде дека „Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава, каде не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање, политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат, а изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба во која победникот добива се, а поразениот ништо.

-Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува, истакна Црвеновски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 14:08