Денес многу ретко, или воопшто не се чита Мисирков и неговата книга „За македонцките работи“, особено не од страна на актуелната власт и нејзините советници. Стравот да се отвори и прочита оваа книга е од сопствената грижа на совеста затоа што е напакостено и испогането сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија, истакна поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

- Собитијата денес не се различни од времето на Мисирков, кога во софиското списание „Мир“ во 1925 година ќе запише: Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина.

Но, за волја на вистината, македонската интелигенција јасно кажа кога почна обезличувањето на татковината, обезличувањето на Македонија. Тоа не е дело само на грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија. Тој процес смислено почна да се реализира на десетгодишнината од македонската државност. Почна со Охридскиот договор. Хегел ќе каже дека највозвишената слобода на еден народ се остварува кога тој ќе ја создаде својата држава. Од друга страна, првата и основна задача на државата е да ја создаде својата нација, која пак е создадена за да ја чува државата. Токму затоа денешниот меѓународен поредок е поредок на нации-држави. Македонскиот народ учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведната страна на историјата ја создаде на АСНОМ својата сопствена држава. Таа асномска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација, која преку националните институции, ја крепеше македонската држава во рамките на југословенската федерација. Со охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет – етничка група. Од тогаш сè веќе беше подготвено за она што денес ни се случува.

Како претседател на Република Македонија, често посочував и предупредував за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со спогодбата од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. И затоа како претседател на Република Македонија ниту учествував ниту потпишав таков договор.

Посочив и предупредив дека актуелната власт се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината. Предупредив дека ќе посегнат по македонскиот јазик. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат опресија врз македонскиот идентитет.

Со право Петре М. Андреевски во неговиот „Македонски Манифест“ ќе нè запраша: Кој тоа се обидува да го замаглува нашето паметење? Кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината? Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас, истакна Иванов на конференцијата организирана во МАНУ по повод 30 години Независност на Република Македонија,



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 14:22