Задоволство ми е што финските образовни институции ни подадоа рака и помагаат во имплементацијата на промените во основното образование кои ги започнавме со стартот на новата учебна година и денеска нивни претставници спроведуваат обука за ефикасно градење демократска училишна клима. Тоа ќе помогне во создавање генерации ученици кои ќе бидат гласни во општеството и преку креативно и критичко размислување ќе придонесуваат кон неговиот развој, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на отворањето на обуката за поттикнување и проценка на партиципативна училишна клима.

Како што информира МОН; обуката е наменета за директори, наставници и стручни соработници во училишта, а ја организира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) со поддршка на УСАИД. Предавачи на обуката се претставници на Финската национална агенција за образование.

– Оваа обука се организира во вистинско време. Токму кога навлеговме во имплементацијата на промените кои ги предвидува нашиот автентичен концепт за унапредување на квалитетот на основното образование, кој на младите треба да им овозможи стекнување вистински вредности што, всушност, и треба да ги поседува секој европски граѓанин. За тоа е потребно напредно граѓанско образование, но и добра демократска училишна клима, која сите заедно, и институциите на системот, и директно раководствата и вработените во училиштата треба да ја создадеме, рече Царовска, додавајќи дека во постигнувањето на целта во голема мерка ќе ни помогнат претставниците од Финска.

Нивното искуство и препораки се исклучително важни, затоа што, истакна Царовска, токму нивната земја успеала да изгради еден од најквалитетните образовни системи во светот.

– Благодарна сум што Финска ни помага, а тоа сметам дека е резултат на нивното согледување дека како Влада и како држава во развој навистина се трудиме да ги следиме глобалните образовни трендови и сакаме да напредуваме, сакаме да создадеме подобри услови и образовни можности за младите, рече Царовска.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 14:22