За постигнување на нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ и за обезбедување сигурна и просперитетна иднина на државата и ако членството во ЕУ не е можно, поранешниот премиер и Претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски смета дека е потребна Платформа која треба да биде подготвена од водечките научни, образовни и стопански институции во државата

-Ја користам оваа прилика да апелирам до МАНУ, до Универзитетот, до Стопанската комора, до Вас Претседателе Пендаровски, како натпартиска и обединувачка институција-покренете таква иницијатива! Откако ќе се заокружи документот треба да им се понуди на политичките партии кои доколку го прифатат ќе стане задолжителен за нив во нивното делување. Каков ќе биде нивниот одговор јас не знам. Но знам дека вреди да се обидеме и дека такво нешто и е потребно на Македонија. Има една реченица која многу често ја слушам во последно време и која многу тешко ми паѓа. А тоа е: „не нé бива ниту ќе нé биде како држава“. Уште повеќе ме погодува затоа што знам дека нé бива и дека можеме. Клучно прашање е дали сакаме. Ако искрено, ама навистина искрено сакаме и целосно се вложиме за остварување на таа цел, тогаш и ќе нé биде. Крајно време е тоа и да го направиме, рече Црвенковски.

Во однос на процесот на приватизација и транзиција на општетството Црвенковски истакна дека големите аномалии настанаа во пост-приватизациониот период. Во многу претпријатија вработените под притисок и уцена, вели, во страв да не ги изгубат работните места ги отстапуваа своите акции по минимална вредност па дури и без пари на менаџерските структури.

-Едноставно, не создадовме ефикасен механизам за заштита на интересите на малите акционери и тоа беше голема грешка. Губењето на работните места во многу поголема мера се должеше на бројните стечаи отколку на приватизацијата. А стечаи имаше и заради субјективни слабости , но и поради објективни околности (изгубените пазари, блокадите, немањето на кредитна поддршка да се одржи производството и сл.).Во секој случај, се направија крупни грешки. Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но за жал, како во приватниот живот така и во политиката времеплов непостои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери,туку верувајќи во тие и такви тогашни околности, дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат. И за успесите кои беа постигнати но и за грешките кои беа направени во периодот додека бев премиер носам целосна одговорност, рече поранешниот претседател Бранко Црвенковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 14:22