Пред нас е комплексна задача, преку холистички пристап да изградиме системска, медиумска, но, пред се, лична отпорност кон дезинформациите. Тоа можеме да го постигнеме само преку блиска соработка на државните институции, политичките партии, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и медиумите. Процесот на едуцирање за медиумската писменост и дезинформациите во нашите основни и средни училишта ќе овозможи да создаваме генерации на ученици кои ќе можат полесно да ги препознаваат лажните вести и да ги формулираат своите ставови врз основа на релевантни и проверени информации. Ова денеска го порача претседателот Стево Пендаровски на регионалната „Конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан: Справување со дезинформациите“.

-Потребно ни е поголемо инвестирање во медиумите со цел да ги поддржиме во справувањето со дезинформациите. Во таа насока, би сугерирал итна измена на законската рамка онаму каде што ќе се процени дека е тоа неопходно, но, не помалку и доследна имплементација на постојната регулатива. Исто така, потребно е да ги поддржиме саморегулаторните механизми во медиумската сфера, како и платформите за проверка на факти. Треба константно да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите. Така ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на лажните вести и пропагандите, рече Пендаровски.

Тој додаде дека борбата против дезинформациите мора да се води паралелно со борбата за вистински медиумски слободи и слободата на говорот како фундаментално човеково право и врвно цивилизациско достигнување.

Шефот на државата посочи дека кампањите на дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности, дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава.

-Токму затоа, многу држави во светот ги препознаваат и ги третираат дезинформациите како една од приоритетните закани за нивната национална безбедност. Во неодамнешниот стратешки извештај за сопствениот капацитет во оваа област и Европската Унија констатира дека кампањите за дезинформирање се една од главните форми на притисок врз демократските модели на владеење, рече Пендаровски.

Според него, пандемијата на Ковид-19 конкретно ни покажа колкава штета може да предизвикаат лажните вести.

– Не само кај нас, туку и во целиот свет, таканаречената инфодемија ја намалува ефективноста на политиките и мерките за справување со пандемијата, го зголемува колебањето на луѓето да се вакцинираат и конечно, ја заострува јавната дебата по ова прашање. Со поткопување на довербата во медицинската наука и професија и генерално, во здравствените системи и институции, инфодемијата стана закана и за јавното здравје и за животите на луѓето, рече Пендаровски.

Покрај Пендаровски, на оваа конференција посветена на медиумската писменост, се обратија евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, а високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел имае видеообраќање.

Ова е втора конференција што се организира во овој формат со поддршка од Европската Унија. Таа е конципирана врз основа на резултатите од Конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан што беше организирана во 2020 година во Сараево и Бања Лука и многубројни иницијативи на оваа тема поддржани од Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2021 14:41