Денеска се одбележува една година откако избувна конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за спорниот регион Нагорно-Карабах, конфликт кој траеше нешто повеќе од еден месец со тешки геополитички последици што продолжуваат да се развиваат.

Борбите започнаа на 27 септември 2020 година и траеја шест недели. Секоја страна ја обвинува другата дека е одговорна за конфликтот во кој загинаа повеќе од 6.500 луѓе

Ерменија и Азербејџан денеска им оддадоа почит на илјадниците жртви од нивната минатогодишна војна за контрола на енклавата Нагорно-Карабах, во чест на првата годишнина од конфликтот.

Двете земји одделно одбележаа минута молчење и организираа верски церемонии.

Конфликтот заврши со пораз на Ерменија и потпишување на прекин на огнот со посредство на Русија. Според договорот, Азербејџан си ги врати териториите што ги бараше од првата војна во раните 1990 -ти.

-Нашите маченици остануваат засекогаш во нашите срца. Ако видиме нова закана за нашиот народ или нашата држава, ќе го разбиеме ерменскиот фашизам, рече азербејџанскиот претседател Илхам Алиев пред нацијата.

На пладне по локално време, целата земја одбележа минута молчење.

Исто така, илјадници војници минаа низ Баку носејќи портрети на нивните соборци убиени во конфликтот.

Во Ерменија, премиерот Никол Пашињан утрово положи цвеќе на гробовите на воените гробишта во главниот град Ереван, а потоа ја посети болницата за ранети војници.

„Се поклонувам на споменот на загинатите и на нивните семејства“, напиша ерменскиот претседател Армен Саркисјан на својата страница на Фејсбук.

Синоќа речиси 3.000 Ерменци со факели минаа низ центарот на Ереван до меморијалниот центар.

Нагорно-Карабах, територија во која живеат главно Ерменци, се отцепи од Азербејџан, што доведе до војна која однесе 30.000 животи во текот на 1990-тите.

По продолжувањето на конфликтот во 2020 година, Ерменија мораше да предаде дел од таа енклава и значителен дел од територија што ја опкружува под надзор на 2.000 руски војници распоредени на тоа место.

Тензиите и натаму се високи и повремено избиваат конфликти на границата меѓу двете земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2021 02:18