Во завршна фаза е изградбата на првата градинка „Росица“ во Волково. Како што соопштија општинските власти, визуелно градинката е со кружен атриум, енергетски ефикасна со модерен систем за загревање и ладење, хоризонтална и вертикална пристапност со надворешен лифт. Вратите ќе бидат отворени за најмалку 175 деца.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која денеска изврши увид во градежните работи, информираше дека за безгрижна игра на децата во завршна фаза е и уредувањето на надворешното игралиште. Покривната непропусна конструкција е изведена така што во иднина отвора можност за зелен кров, како надоградување на енергетската ефикасност на објектот.

-Продолжуваме да го прошируваме капацитетот на детските градинки имајќи ја предвид важноста на предучилишното образование во понатамошниот развој на децата. Дополнително работиме и на усовршување и подобрување на професионалните перформанси на вработените во градинките. Затоа што за нас секое дете е важно, рече Шахпаска.

Таа потсети дека досега Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Владата отворило 15 градинки, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште десет кои што се во финална фаза.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски рече дека заложбите за проширување на капацитетите на градинките ја доживуваат својата завршница.

-Пред година и половина од Волково ја стартувавме приказната за изградба на нов објект на градинката „Росица“. Многу посветено и со силна поддршка од централната власт сега може да констатираме дека оваа кружна градинка е во завршна фаза, рече Наумоски кој денеска изврши увид во градежните работи во градинката.

Тој напомена дека паралелно со Министерството за труд и социјална политика работат на проширување на објектот „Детелинка“ со три нови занимални. Градежните работи во овој објект се со капацитет за 90 деца.

-Заедно со мојот тим посветено ги решаваме работите во делот на социјалната инфраструктура преку изградба на два нови објекти – еден во Ново Село и друга градинка во Дексион. Секое згрижено дете е успех за сите, додаде Наумоски.

Инаку, градинката во Волково е дел од проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува МТСП со поддршка на Светската банка.

Преку овој проект, 16 општини во земјава добиваат нови градинки или преку градежни зафати го зголемуваат капацитетот за прием на деца. Три од нив се веќе пуштени во употреба, а девет се во изградба.

За изградба на градинката во Волково потрошени се 87 милиони денари, и дополнителни 6,3 милиони денари за внатрешно опремување во градинките.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2021 15:39