Зајакнување на учењето преку работа и поврзување на образованието со бизнис-заедницата, усвојување вештини што му се потребни на пазарот на трудот со што ќе се зголеми вработиливоста, како и реформи на компетенциите на Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО) беа главни цели на тригодишниот регионален проект „Училиштата се среќаваат со компаниите“ во кој беа вклучени Македонија, Албанија и Косово.

Проектот го финансираше Сојузното министерство за образование, наука и истражување на Австрија, а денеска на завршна конференција беше соопштено дека се постигнати два генерални резултати – подобрена бизнис-клима за соработка и профилирирање стручно лоице кое преку професионален ангажман ќе придонесе за одржливост на главната идеја на проектот – создавање стручен кадар соодветен за пазарот на трудот и модернизација и развој на стручното образование.

Партнери во проектот беа Министерството за образование и наука, ЦСОО и 87 средни стручни училишта. На конференцијата им беа доделени сертификати на координаторите кои беа врската помеѓу компаниите и училиштата.

Министерката Мила Царовска соопшти дека социјалниот дијалог за воспоставување доверба помеѓу реалниот сектор и училиштата за средно стручно образование МОН го почна во јануари 2021 година и дека со повикот од март успеале да отворат 97 дуални паралелки и да потпишат договори со 200 компании. Притоа се заблагодари на Стопанската комора која успеала да ги мотивира компаниите да се вклучат во процесот и во градењето современо стручно образование.

-Не само што отворивме 97 дуални паралелки на повикот од 31 март, туку и запишавме 1400 ученици во стручните училишта, а со тоа го зголемивме за 6 проценти бројот на ученици запишани во средните стручни училишта во нашата држава. Како поддршка на овој процес, МОН првпат ја усогласи политиката на упис со политиката за стипендирање и се овозможи стипендирање на учениците во тригодишните стручни училишта и во четиригодишните дуални паралелки во висина од 3.500 денари месечно. Со тоа се обезбеди дополнителна мотивација за стручните училишта, а се мотивираат и компаниите со нивни стипендии за ученците при обучувањето да добиваат дополнителна финансиска поддршка односно се воспоставува пракса на работа и награда за сработеното, рече Царовска.

Додаде дека поддршка на процеот има од амбасадите на Австрија, Швајцарија и Германија, кои го нудат нивниот модел за стручно образование, а дека кај нас е направен национален концепт за дуално образование кој успешно се имплементира.

Амбасадорот на Австрија Георг Вутсас изјави дека стручното и дуалното образование е успешна приказна во неговата земја и дека е среќен за можноста да соработуваат со Македонија во оваа област бидејќи, како што рече, тоа е многу важно прашање и овде зашто се потребни стручни обуки.

-Дуалното образование е навистина нешто што се бара на пазарот на трудот и за развој на компаниите. Се надеваме дека наскоро ќе ја надминеме пандемјата којашто сериозно ги погоди економиите на нашите земји, а го погоди и образовниот систем. Тоа го гледаме како предизвик и сакаме да имаме стручни професии кои ќе ги исполнат барањата на пазарот на тудот и тоа ќе ја зајакне економијата. Сакаме да го видиме овој проект како создавање врска помеѓу бизнис-заеднивата и училиштата и учениците токму преку координаторите коишто ќе работат на тоа. Австрија и другите од меѓународната заедница сме тука за да ви ја дадеме нашата помош. Задача на институцииите во земјава е имплементацијата и натамошниот развој во оваа област, истакна австрискиот амбасадор.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2021 15:15