Функционер на ДУИ вели дека сѐ уште во партијата не се разговарало за можниот кандидат за претседател, но додава дека најверојатно би бил надпартиски, по урнек на кандидатот за премиер Насер Зибери. Сепак, на шега или не, се шпекулира и тоа дека е можно Ахмети да биде кандидат за шеф на државата и така да ја заврши политичката кариера.

Најмалку една година пред претседателските избори кои треба да се одржат во 2024 година, лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе им предложи на владиниот партнер Зоран Заев, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, како и претседателите на партиите на Албанците, шефот на државата да се избира во Собранието, наместо на непосредни избори, брифира за Плусинфо висок функционер на ДУИ.

Ахмети вчера од митинг во Чаир најави уривање на нова блокада, односно следниот претседател на државата да биде Албанец. Тој за ова не откри никакви детали.

Предлогот шефот на државата да се избира во Собранието не е нов. ДУИ и претходно најавуваше дека според нив, е добро претседателот да се избира во Парламентот оти само така ќе може Албанец да биде на престижната функција.

– Идејата е дека треба да се смени изборот на претседател на државата и тој да се избира во Собранието. Тогаш ќе има поддршка за избор на Албанец претседател на државата, бидејќи ќе го избираат пратениците, наместо како сега граѓаните на непосредни избори. Откако веќе го остваривме зацртаното, како што вчера и порача Ахмети, Албанци министри за одбрана и за надворешни работи, Албанец претседател на Собрание и во последните 100 дена и премиер Албанец, целта е идниот претседател на држава да биде Албанец. ДУИ е партија која има визија и цел, а токму тоа е нашата следна цел – вели за Плусинфо, функционерот на ДУИ.

Тој истакнува дека за да го „скршат мразот“, но и за да си ја олеснат реализацијата на својата идеја, Ахмети и ДУИ се согласиле на последните претседателски избори да не излезат со свој кандидат, туку уште во првиот круг да го поддржат Стево Пендаровски за претседател на државата. Тогаш јавноста го нарече Пендаровски консензуален кандидат. Но, од ДУИ велат дека немаат информации дали тогаш паднал начелен договор помеѓу Заев и Ахмети на следните избори, самата ДУИ или пак заедно со СДСМ, да предложат Албанец кандидат за шеф на државата.

Според функционерот, сѐ уште во партијата не се разговарало за можниот кандидат за претседател, но најверојатно тој би бил надпартиски, по урнек на кандидатот за премиер Насер Зибери. Сепак, на шега или не, се шпекулира и тоа дека е можно Ахмети да биде кандидат за шеф на државата и така да ја заврши политичката кариера.

И додека на ДУИ делумно ѝ успеа предлогот премиер Албанец, барем во последните 100 дена од мандатот на Владата, прокламиран преку мотото „Pse jo“ или „Зошто не“, а сега го валоризира како остварено барање, неизвесно е дали „Зошто не“ за Албанец претседател на државата ќе помине кај македонските партии. Прво потребна е согласност од поголемите партии шефот на државата да се избира во Собранието и второ, потребна е согласност за измени на Уставот.

Досега овој предлог не поминуваше кај македонскиот политички блок и кај партиите немаше клима за отворање на Уставот и законите во делот на начинот на избор на претседател на државата. Нејасно е доколку пак, претседателот остане да се избира на непосредни избори, колку математиките на партиите може да се преточат на терен на денот на гласањето, односно колку македонското гласачко тело би било подготвено да гласа за претседател Албанец.

Заев денеска порача дека ќе го чека моментот кога сите граѓани ќе бидат подготвени за претседател Албанец. Но премиерот зборува за избор на шеф на државата на непосредни избори.

– Тој момент ќе сакам да го дочекам, да бидам жив и здрав, јас а и сите ние. Тоа ќе значи афирмација на личност, на граѓанин, пред сè. И без разлика на својата етничка определба тој како граѓанин ќе треба да помине кај граѓаните од кои најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто од Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите коишто живеат во нашата земја би го гласале за претседател – изјави Заев.

Функционер од СДСМ за Плусинфо вели дека за на непосредни избори да изберат кандидат Албанец треба да имаат тројно повеќе македонски гласови отколку што имаат албански.

– Тоа не е парламент за да избира. Претседател избираат граѓаните – вели функционерот.

Од СДСМ велат дека Заев не ни можел да се договара со Ахмети за следниот кандидат за претседател да биде Албанец, бидејќи за функционери кои ги избираат граѓаните, нема начин како да се договорат лидерите или партиите.

– За функционери кои ги избира Парламентот или владата може да се договара секој, но претседателот на државата се избира на непосредни избори и тоа не може никој да го договори. Мора кандидатот да поминува, да го сакаат и да е прифатлив за најмалку половина од сите заедници во државата – вели функционерот на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, го прашуваат Ахмети дали барањето за претседател Албанец е дел од неговата зелена агенда.

– Досега видовме вакви трикови од нивната националистичка лепеза која служи за избори, а потоа има намена да создаде завеса за криминалните тендери кои со Заев ги делат. Народот нема повеќе да наседнува на ваквите трикови од овие политичари кои не направија ништо за народот, ниту донесоа европска иднина – вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

За пратеникот Антонијо Милошоски ДУИ со овој предлог ја дефокусира јавноста.

– ДУИ и СДСМ за да ја свртат темата од инфлацијата, пожарот во модуларната болница, поскапувањето, сиромаштијата, депониите во Тетово, Липково и во Струга, корупцијата и тендерите, спремни се да зборуваат и за Албанец, Македонец, Турчин или Бошњак да биде директор на НАСА, на НАТО, на Меѓународниот суд во Хаг – вели Милошоски.

ДУИ уште во 2015 на состанок на работната група за измени на Изборниот законик побарале во изборното законодавство да влезе нивниот предлог изборот на претседателот на државата да се одвива во Собрание со Бадинтерово мнозинство. Тогаш македонскиот политички блок остана воздржан и не го коментираше предлогот на интегративците.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2021 18:15