Раководството на Фудбалската федерација на Косово (ФФК) спогодбено денеска го раскина договорот со селекторот на националниот тим Бернард Шаландес по серијата слаби резултати во квалификациите за пласман на Мундијалот 2022 во Катар.

Двете страни се разделија по вчерашниот пораз од Грузија (2:1) во Приштина по кој Косово падна на последното место во групата Б со само три бодови од седум натпревари.

Швајцарскиот 70-годишен стратег седна на клупата на Косово во март 2018 година и најголемиот успех го постигна во Лигата на нации. Под негово водство Косово се пласираше во плејофот во кој загуби од македонската репрезентација во Скопје.

– Со оглед на нашите цели, со заеднички договор одлучивме да ја прекинеме соработката. Му се заблагодаруваме на Шаландес на неговиот ангажман, бидејќи тоа што го постигнавме во Лигата на нации беше историско, но попатно не ги исполнивме целите, изјави претседателот на ФФК, Агим Адеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 00:01