Албанската влада денеска го одобри првиот договор за слободна трговија со Србија и Македонија што според министерката за финансии и економија, Делина Ибрахимај, е дел од иницијативата „Отворен Балкан“ и е во интерес на слободното движење.

-Одобривме две други Предлог-одлуки за соработка за извоз и увоз на Балканот поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“. Тоа е поврзано со олеснување на трговијата, како што се подразбира и од неговото име. Меморандумот доаѓа како поддршка за субјектите што работат во Албанија и тргуваат во Македонија и Србија, изјави Имбрахимај.

По седницата на владата, Ибрахимај рече дека ќе биде издадена еврообврзница на меѓународните пазари за обезбедување ликвидност, но не прецизираше со колкав износ ќе биде заемот, освен дека ќе биде со помала камата.

-Финансираната вредност е зголемена, но каматата на обврзницата е пониска. Со текот на годините создадовме постабилна и посигурна пазарна економија. Подготвени сме да излеземе на пазарот кон крајот на октомври. Уверени сме дека условите се поволни за излегување во текот на оваа година за заем преку еврообврзница за да се искористи за буџетска поддршка, посочи министерката.

Претходно беше објавено дека албанската влада се подготвува да издаде еврообврзница на меѓународниот пазар во почетокот на 2022 година, во износ од 500 милиони евра, но според она што го кажа Ибрахимај износот ќе биде повисок.

Ова ќе биде петти пат како земјата се појавува на пазарите на капитал. Првпат тоа го направи во 2010 година кога позајми 300 милиони евра, вторпат во 2015 година со 450 милиони евра, третпат се задолжи со 500 милиони евра во 2018 година. Во јуни 2020 година, по четврти пат Албанија се задолжи со еврообврзница од 650 милиони евра, со каматна стапка од 3,6% и рок на достасување од 7 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 01:16