Неколку луѓе се убиени и повредени во денешниот напад во норвешкиот град Конгсберг, соопшти локалната полиција.

Вооружен маж повреди неколку луѓе во центарот на градот, а има и жртви, изјави дежурниот шеф на полицијата, Ојвинд Аас на прес – конференција.

Напаѓачот имал лак и стрела и најверојатно дејствувал сам. Полицијата не трага по други осомничени.

Нападот се случил околу 18:30 часот по локално време, во градот кој се наоѓа на 80 километри југозападно од Осло.

Аас не можеше да наведе колку луѓе се повредени, но рече дека се хоспитализирани.

Како што јави ДПА, полицијата го привела осомничениот, чии мотиви првично се нејасни. Според локалната полиција, прерано е да се каже дали нападот бил мотивиран од тероризам.

Нападот се случува 10 години по најтешкиот терористички напад во земјата, кога 77 луѓе беа убиени од ултрадесничарски екстремист.

На 22 јули 2011 година, Андерс Беринг Брејвик активираше автомобил-бомба во Осло, убивајќи осум луѓе, пред да замине на островот Утоја, каде што отвори оган врз присутните на годишниот летен камп што го организираше младинската организација на Лабуристичката партија, при што загинаа 69 луѓе, претежно тинејџери и млади луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 01:20