Јас сум уверена дека на градот Скопје му е потребен квалитетен менаџер за да се справи со проблемите и предизвиците коишто се секојдневие, вели Данела Арсовска независен кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива.

Таа во дебатното соочување на телевизија Телма, заедно со останатите кандидати во трката за Град Скопје, истакна дека поради досегашното лошо менаџирање, Скопје е град во кој имаме хаос во урбанизмот, сообраќајот, во последните четири години тој е нечист град и е еден од градовите со најзагаден воздух во светот.

Верувам дека на градот му е потребен менаџер затоа што тие се квалитетите кои се неопходни за да се справиме со сите овие проблеми што ги гледаме денес. Поради лошото менаџирање, сведоци сме дека имаме хаос во урбанизмот, хаос во сообраќајот, Скопје е еден од најзагадените градови во изминатите четири години, Скопје е нечист град, скопјани се жалат на тоа – истакна Арсовска.

Таа додаде дека како претседател на Сојузот на стопански комори во којшто сојуз членуваат над 24 илјади претпријатија, имаше привилегија и чест во изминатите десет години да се докаже како успешен координатор и менаџер, каде што работеше на изработка економски политики кои се докажаа како ефикасни и ефективни за целото македонско стопанство.

Јас како претседател на Сојузот на стопански комори ја имав таа привилегија, изминатите години да координирам над 24 илјади претпријатија. Имав можност, на покана на владите во изминатите десет години, да седнам на таа маса и да работам за економски политики коишто се покажаа дека се ефикасни, дека се ефективни и дека ги штитат сите оние потреби и дека ги подобруваат барањата, ги реализираат барањата кои што ги има економијата во Македонија- рече Арсовска.

Арсовска дополни дека, во својство на претседател на Сојузот на стопански комори заедно со владините претставници, работеле на подобар економски квалитет и просперитет, работеле за економски раст и развој и верува дека како квалитетен менаџер ќе се справи со сиот овој хаос што го има во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 01:44