Њукасл во многу скоро време ќе стане фудбалска велесила, а Премиерлигата ќе мора да објасни зошто дозволи овој клуб да стане сопственост на една држава, изјави денеска тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Конзорциум од Саудиска Арабија за сума од 303 милиони фунти претходно овој месец го купи Њукасл, и покрај загриженоста во меѓународната јавност поради состојбата со човековите права во таа арапска земја.

Клоп оцени дека во рок од неколку години Њукасл ќе има загарантирано место во Лигата на шампиони, мислејќи притоа на финансиската моќ на новите сопственици.

– Што значи тоа за фудбалот?. Пред неколку месеци имавме голем проблем во светот на фудбалот со 12 клубови, кои се обидоа да формираат Суперлига. Тоа не се случи, но ова е своевидна креација на супер-клуб. Тоа е приближно исто. На навивачите на Њукасл тоа ќе им се допадне, но за нас тоа значи дека постои нова суперсила во името на Њукасл, изјави Клоп.

Германскиот стратег го опиша Њукасл како трет клуб во светот, кој е во „државна сопственост“, алудирајќи притоа на инвестициите на заливските земји во Манчестер сити и ПСЖ.

– Колку што јас знам, тоа е трет клуб во сопственост на една земја. Не сум сигурен колку земји имаат финансиска моќ и интерес за такво нешто, додаде Клоп.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2021 02:30