Дури 83 отсто од починатите од Ковид-19 не биле вакцинирани, покажува последната статистика. Исто така, 79 отсто од хоспитализираните не се вакцинирани, како и 74,9 проценти од новозаразените. Надлежните уште еднаш испраќаат апел до граѓаните да се вакцинираат, уверувајќи дека ефикасноста на вакцините против Ковид-19 е потврдена со многу анализи.

Според статистиката, од 6 август до завчера, во земјава се потврдени 40.208 граѓани позитивни на Ковид-19, од кои 25 отсто биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Во изминативе два месеца, 30.142 граѓани, односно 74,9 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, се наведува во анализата што ја објави Министерството за здравство.

За вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од апликацијата на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август на територија на државата починале 1382 пациенти со Ковид-19. Од нив 1149 односно 83 отсто не биле вакцинирани, а само 17 отсто односно 233 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, потенцираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2

Инаку, заклучно со вчера вкупно се вакцинирани 797.988 граѓани, а ревакцинирани се 758.001. Трета доза примиле 1.039 граѓани.

Педесет и три отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, стои во соопштението.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека ефикасноста на вакцините против Ковид-19 ја потврдуваат многу анализи.

-Вакцините штитат од тешка форма на болеста, од хоспитализации и смртен исход. Анализите на Министерството за здравство утврдија дека меѓу 79 отсто и 81 отсто од хоспитализираните пациенти со Ковид-19 се невакцинирани, објави Филипче.

Тој посочи дека истражувањето на Цивика мобилитас потврдува дека во последните три и пол месеци има 14.500 помалку заразени, 4.595 помалку неделни хоспитализации, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата меѓу 37,9 отсто и 46,5 отсто, а трошоците за хоспитализација во последните пет недели од делта бранот се пониски за 2,8 милиони евра.

– Вакцинацијата против Ковид-19 е важна и ќе помогне да запре пандемијата. Вакцините функционираат заедно со вашиот имунолошки систем, така што ќе бидете подготвени да се борите против вирусот доколку сте изложени на него. Ковид-19 може да има сериозни, опасни по живот компликации и не постои начин да се знае како вирусот ќе влијае на вас. #ВакцинирајСе! Со вакцината се штитите себе си, пријателите, семејството и ги штитите другите околу вас, напиша Филипче.

Во претходното деноноќие направени се 3.025 тестирања, а регистрирани се 413 нови случаи со Ковид-19. Починале девет, а регистрирани сe 309 оздравени пациенти.

Досега во земјава се направени вкупно 1.336.229 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-позитивни од почетокот на епидемијата изнесува 196.376, бројот на оздравени пациенти е 182.782, на починати 6.901, а активни случаи во моментов се 6.693.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2021 10:35