Српскиот претседател Александар Вучиќ се огласи синоќа во врска со апсењето на Дијана Хркаловиќ, поранешна државна секретарка во МВР, кога министер беше Небојша Стефановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Хркаловиќ синоќа беше уапсена, а по поднесената кривична пријава одреден е и притвор од 30 дена.

Кривичната пријава против Хркаловиќ е за кривично дело трговија со влијание, а покрај неа кривична пријава доби и Дејан Миленковиќ, поранешен началник на Службата за специјални истражни методи, за злоупотреба на службената положба, објави БИРН на Твитер.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека Хркаловиќ е уапсена во врска со убиството на Властимир Милошевиќ во улицата Кралица Марија во Белград во 2017 година.

-Колку што можев да слушнам од министерот (Александар Вулин), станува збор за докази што денес ги имаат надлежните државни органи, во врска со познатото убиство на господин Милошевиќ, дека после тоа, претпоставувам, е заменета ДНК и дека некои луѓе кои учествуваа во убиството беа ослободени, и не беа казнети за најтешкото кривично дело, изјави Вучиќ како гостин на ТВ Прва.

За убиство на Милошевиќ во 2017 година беше уапсен Вељко Беливук (Веља Невоља), но Вишиот суд од Белград го ослободи од обвиненијата во мај 2018 година.

На прашањето зошто беа потребни четири години за да се случи ова апсење, Вучиќ кажа дека „не можеш да апсиш кога вие сакате“, и дека денес „некој од полицијата одлучил да зборува за тоа“, понудил изјава и дека потоа можеше да се изврши апсењето.

Вучиќ нагласи дека неговото прислушкување, што уследи откако зборуваше за убиството на Милошевиќ, е „друга работа“.

Тој, најави дека во деновите и недели пред нас, „ќе има повеќе апсења на убијци и нивни помагачи во врска со разни случаи“, поврзани со кланот на Вељко Беливук, но и други кланови.

Беливук е обвинет дека е водач на криминална група која се товари за разни криминални дела, вклучително и на тешки убиства, киднапирања, трговија со дрога и нелегално носење и трговија со оружје.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2021 11:29