Меѓународната научна конференција на тема „Кон подобра иднина: Држава и општество“ е можност за наша афирмација на меѓународната научна арена, истакна деканот на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, професор д-р Горан Илиќ.

Отворајќи го меѓународниот научен собир, деканот Илиќ нагласи дека контактите со колегите од државата и странство овозможуваат поголема соработка на Правниот факултет при УКЛО-Битола со други високообразовни институции.

-Четвртата меѓународна научна конференција „Кон подобра иднина: Држава и општество“ е сериозен придонес за научната мисла во Македонија, но и поширок придонес во глобалната научна мисла. Научниот собир е подготвуван и се организира во време на актуелна пандемија, но тоа не беше пречка да се рефлектира со голем интерес од домашни и автори од странство кои учествуваат на конференцијата. Инспирацијата за главната тема на конференцијата произлезе од потребата да се дефинира суштината на концептите на државата и општеството во мултидисциплинарна перспектива, и притоа да се имаат предвид нивните внатрешни и надворешни процеси, нивните постапки и односи со правните, политичките, економските и безбедносните системи во современиот свет, истакна професорот Илиќ на свеченото онлајн отворање на конференцијата.

На пленарна сесија на конференцијата, модерирана од професор д-р Ангелина Станојоска, раководител на Центарот за научни истражувања во факултетот домаќин, пригодни обраќања имаа Ричард Росенфилд и Ли Ан Слокум професори на американскиот Универзитет во Мисури, професорот Анџело Виглианиси Фераро од италијанскиот Универзитет Реџио Калабрија, професорот Ангел Шопов од Универзитетот во Пловдив, Бугарија и професорот Пеиман Ахмад од Правниот факултет при Универзитетот Рапарин во Ирак.

На меѓународната научна онлајн конференција што ја организира Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола со свои трудови учествуваат автори од Србија, Хрватска, Косово, Шведска, Романија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2021 11:42