Локалните избори година ќе бидат седми од независноста на државата, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

Право на глас имаат 1 824 864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и раст од 10 220 гласачи, во однос на изборите во 2017 година. Најмалку 1 419 081 регистрирани гласачи имало на првите локални избори во 1996 година.

Најголем одѕив во првиот круг имало на локалните во 2013 година – 67 проценти, а најмал 56 отсто – на локалните во 2005 година.

Во втор круг најголем одѕив имало на локалните избори во 2013 година – 65 отсто, додека најмал – 43 проценти на локалните избори во 2009 година.

На Локалните избори 2021 има вкупно 299 кандидати за градоначалници, што е зголемување од 42 кандидати споредено со тие во 2017, кога имало најмалку кандидати за градоначалници или 257. Најмногу кандидати за градоначалници – 683 имало на првите локални избори во 1996 година. Бројот на кандидати за градоначалници се движи од 323 во 2000 година, 350 во 2013, 364 во 2009 и 379 на изборите во 2005 година.

Според родовата застапеност од вкупниот број кандидати за градоначалници на Локалните избори 2021, 91,64 проценти се мажи, а 8,36 отсто се жени. Деветмина или 3 проценти се млади на возраст од 21 до 29 години, додека 12 проценти се на возраст од 30 до 35 години, 31 отсто се на возраст меѓу 36 и 45 години, 30 проценти се на возраст од 46 до 55 години, 21 отсто се на возраст од 56 до 65 години и седуммина или 2,3 проценти се постари од 66 години.

Најмногу кандидатски листи за советници имало на изборите во 1996 – 747, потоа во 2009 – 701, па 2000 – 564, 2013 – 480, 2005 – 445 и најмлку во 2017 година – 371.

На овие локални избори има 572 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10 532 кандидати, од кои 55 проценти се мажи, а 45 проценти жени.

Од нив, најмалку или 4,5 проценти се на возраст од 18 до 20 години, 21,6 отсто се на возраст од 21 до 29 години, 17,5 процент се на возраст од 30 до 35 години, најмногу или 23,6 отсто на возраст од 36 до 45 години, 16,8 проценти се на возраст од 46 до 55 години, 11 отсто се на возраст од 56 до 65 години и 4,7 проценти се на возраст над 66 години.

Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје.

Имаше вкупно 683 кандидати за градоначалници и 747 кандидатски листи за членови на општинските совети.

Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 60 проценти, а во вториот круг 51 процент.

На овие избори право на глас имаа 1 419 081 избирач.

Вторите локални избори се одржаа на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје.

Имаше 323 кандидати за градоначалници и 564 кандидатски листи за членови на општинските совети.

На овие избори право на глас имаа 1 634 859 избирачи. Одѕивот во првиот круг беше 59 проценти, а во втор круг 53 отсто.

Третите локални избори се одржаа на 13 и 27 март 2005 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 84 општини и Градот Скопје. Ова се првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините.

Имаше 379 кандидати за градоначалници и 445 кандидатски листи за членови на општинските совети.

На овие избори право на глас имаа 1 711 293 избирачи.

Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 56,36 проценти, а во вториот круг на 27 март 53,66 отсто.

Важно за напомена е дека Државната изборна комисија до 2006 година не постои како посебен орган и се формира пред секои избори и нема објавено целосни резултати или финален извештај за дел од првите три локални избори во земјата.

Четвртите локални избори се одржаа на 22 март 2009 година, на кои се избираа градоначалници и советници во 84 општини и Градот Скопје.

Вкупно беа поднесени 364 листи за градоначалници и 702 кандидатски листи за советници.

На овие избори право на глас имаа 1 792 082 избирачи.

Одѕивот на првиот круг беше 57 проценти, а во вториот круг 43 отсто.

Петтите локални избори се одржаа на 24 март 2013 година со цел избирање на советници и градоначалници во 80 општини и Градот Скопје.

Имаше вкупно 350 кандидати за градоначалници и 480 листи на кандидати за советници.

На овие избори, право на глас имаа 1 743 403 гласачи.

Одѕивот во првиот круг беше 67 проценти, а во вториот 65 отсто.

Шестите локални избори се одржаа на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и Градот Скопје.

Имаше вкупно 257 кандидати за градоначалници и 371 кандидатска листа за советници.

Право на глас имаа 1.814.644 граѓани запишани во избирачкиот список

Во првиот круг излезноста беше 60 проценти, а во вториот круг 52 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2021 02:28