Социолозите во Бугарија очекуваат зголемен интерес за претстојните претседателски и парламентарни избори на 14 ноември, јави дописникот на МИА.

Андреј Рајчев и Геновева Петрова за БНТ изјавија дека веруваат оти гласачите во Бугарија не сакаат повторени избори и дека ќе се формира редовна влада. И покрај очекувањата за замор и недостиг на интерес, социолозите предвидуваат зголемен интерес на гласачите за претседателските и парламентарните избори во Бугарија. Се очекува излезноста да биде поголема отколку на предвремените парламентарни избори на 11 јули.

Геновева Петрова коментираше дека претседателските избори се мнозински и привлекуваат поголем интерес на гласачите. Во меѓувреме, фрустрацијата на луѓето од неможноста на последните два парламенти да формираат влада ги мобилизираше гласачите уште еднаш да го дадат својот глас во пресрет на излегувањето на Бугарија од кризата.

Андреј Рајчев коментираше дека на 14 ноември очекува најмалку три милиони гласачи да излезат на гласање, а тоа е можно и под радикални сценарија. Нормално е да гласаат околу три милиони, додаде Рајчев. Всушност немаше замор, луѓето не се откажуваат од избори затоа што се уморни. Рајчев, исто така, коментираше дека прашањето е дали ГЕРБ ќе биде соборен од власт и според него имало само еден одговор, а тоа е формирање сојуз помеѓу левицата и десницата во Бугарија.

Партиите во Бугарија не влегуваат во коалиции за да не загубат дел од своето гласачко тело непосредно пред изборите. Една од можните хипотези, според Андреј Рајчев за идно стабилно управување во Бугарија, е двајцата поранешни привремени министри за економија и финансии Кирил Петков и Асен Василев да иницираат широки коалициски преговори кога еден од мандатите за формирање влада ќе им припадне на нив.

– Најверојатното сценарио во Бугарија е лево-десен сојуз, што е единствена шанса за партиите и коалициите воопшто, заклучи Андреј Рајчев.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2021 11:53