Амнести интернешнл до крајот на годината ќе затвори две канцеларии во Хонг Конг, а нејзиниот локален огранок во недела ќе ја прекине работата, соопшти групата за човекови права.

АИ, чие седиште е во Лондон, соопшти дека ќе продолжи со истрагите, активностите и кампањите, но од другите канцеларии во Азија и Пацификот.

-Одлуката, која ја донесовме со тешко срце, беше донесена поради Законот за национална безбедност во Хонг Конг, што им оневозможи на организациите за човекови права во Хонг Конг слободно да работат без страв од сериозни реакции на владата, изјави Ањхула Синг Баис, шефица на Меѓународниот комитет на Амнести.

АИ на овој начин им се приклучи на другите граѓански организации и синдикати кои ги прекинаа активностите поради новиот закон наметнат од Кина во јуни 2020 година за борба против секој чин што го смета за субверзија, отцепување, тероризам и договор со странски сили.

Амнести претходно изјави дека законот, што насила беше наметнат по големите протести, ги нарушува слободите во Хонг Конг.

Откако беше воведен овој закон во Хонг Конг се распуштени 36 организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2021 15:48