Европската унија е запознаена и ги анализира наводите на израелското Министерство за одбрана против шест палестински невладини организации категоризирани како “терористички“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од овие шест невладини организации две добиваат финансиска помош од ЕУ, потврди денеска портпаролот Петер Стано.

-Ги земаме многу сериозно наводите и бараме разјаснување од израелските партнери, и во минатото имало вакви сомнежи кои на крајот се покажаа неосновани, но продолжуваме да разговараме со партнерите во Израел, рече Стано.

Тој додаде дека работата на граѓанското општество во Палестина е од голема важност и дека тие играат значајна улога во промовирање на владеењето на правото, демократијата и човековите права.

Европската унија, додаде тој, има добро етаблирани механизми да провери дали организациите кои добиваат европска помош го почитуваат правото на ЕУ и постојат и соодветни санкции доколку тоа не е случај.

Израел пред неколку дена одлучи дека шест граѓански организации во Палестина се “терористички“, но реакцијата во голем дел од светот е критична кон Тел Авив. Обединетите Нации предупредија дека антитерористичкото законодавство не смее да се користи за замолчување на граѓанското општество и оцени дека аргументацијата на израелските власти не е убедлива и се повикува на нелегитимни причини, вклучително и сосема мирољубиви активности од страна на таргетираните организации.

САД, традиционалниот партнер на Израел, исто така ги доведе во прашање одлуките на израелското министерство да ги стави овие организации на црна листа. Стејт Департментот во петокот изјави дека бара објаснувања од Тел Авив.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2021 16:07