Доајенот на македонското глумиште, актерот Петар Мирчевски-Пепи е годинашен добитник на највиското признание на Општина Битола, наградата за животно дело „4 Ноември“.

Одлуката ја донесе Управниот одбор за доделување награди и признанија при Советот на Општина Битола, а ќе биде врачена на свечена академија која традиционално се организира по повод празникот на градот.

Петар Мирчевски-Пепи, актер во НУ Народен театар-Битола одиграл бројни претстави на сцената на матичниот театар, но и на театарски сцени во Европа и светот. Настапувал во домашни и странски филмови, а за публиката незаборавни се неговите улоги на Сирано, Полниј, Пејо, Ангеле, Крсте….и настапите во филмовите „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Превртено“, а минатата година настапи и во долгометражниот игран филм „Мими“.

Во својата кариера и за успешните настапи на филмското платно и во театарот, актерот Петар Мирчевски-Пепи е наградуван на фестивалот „Војдан Чернодрински“, ја добил наградата Златна маска на фестивалот „Охридско лето“, а во 2019 година ја доби и државната награда „11 Октомври“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2021 16:22