Узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијаев е реизбран на истата функција откако освои 80,1 отсто од гласовите на вчерашните избори, за кои западните набљудувачи велат дека биле обележани со недостиг на „вистинска конкуренција“ и покрај подобрувањата донесени со неодамнешните реформи.

Очекуваната победа на Мирзијаев ќе му овозможи на ново-стариот претседател да ја продлабочи својата кампања заснована на реформи и веројатно ќе резултира со понатамошно отворање на Узбекистан за инвестиции и надворешна трговија, но сепак ќе се задржи централизиран политички систем, пренесува Хина.

Мирзијаев укина некои ограничувања кога се во прашање верските обичаи, ги намали овластувањата на моќната служба за државна безбедност и го надгледуваше ослободувањето на некои политички затвореници сместени таму од неговиот претходник Ислам Каримов. Тој, исто така, ги обнови врските на оваа земја богата со различни ресурси и со Русија и со Западот.

Набљудувачите од ОБСЕ коментираат дека неодамнешните политички реформи сè уште не довеле до вистинска плуралистичка средина. Во соопштението тие ги нарекоа реформите што ги презеде актуелниот претседател како „охрабрувачки знак“, но истовремено ги осудија „затворањето, заплашувањето и притисокот“ врз новинарите за време на кампањата.

„Иако повеќе политичари се кандидираа на изборите, немаше позначаен политички ангажман меѓу себе или со гласачите, а кандидатите се воздржаа од предизвикување или критикување на актуелниот претседател“, се вели во соопштението на набљудувачката мисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2021 00:40