Ефективните политики за враќање, реадмисија и реинтеграција на мигрантите, со целосно почитување на меѓународното право и стандарди, се централни аспекти на доброто управување со миграциите и главна тема за дискусија на Регионалната конференција за реадмисија и борбата против нерегуларната миграција во Западен Балкан што од денеска се одржува во Охрид.

Целта на собирот во Охрид е собирање на релевантните чинители за реадмисија и подигнување на свеста за прашањата, предизвиците и новите начини на работа што се присутни во регионот, разменување искуства и добри практики, особено во обезбедувањето правна основа (договори или аранжмани за реадмисија) и нејзина практична имплементација, како и зајакнување на соработката со релевантните органи од земјите на потекло на мигрантите, особено од земјите од Блискиот Исток, Централна Азија и од Северна Африка.

– Потребата од заедничка соработка во областа на враќањата и реадмисијата е препознаена од сите релевантни странски партнери, што, секако, е за поздравување. Потребна е понатамошна поддршка околу иницирањето преговори и потпишувањето договори за реадмисија со земјите на потекло, но исто така и соодветна поддршка за нивната имплементација во делот на фазата пред враќањето и во делот на самото спроведување на враќањата, изјави во воведното обраќање државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска.

Сузана Јашаревиќ, регионалната директорка на „Хилфсверк Интернешнл“ за Балканот пред учесниците на средбата посочи дека реадмисијата и враќањето во овој момент се веројатно две клучни прашања што предизвикуваат интерес, но и загриженост кај сите земји учеснички и кај безбедносните претставници.

– Тоа е, исто така, предизвикувачки процес што претпоставува силна регионална соработка, која допрва треба да се гради, изјави таа додавајќи дека особено се цени поддршката на Заедничката координативна платформа (JCP) и Австриското федерално министерство за внатрешни работи (BMI) во развојот на регионалниот дијалог и регионалните капацитети, насочени кон иницирањето креирањето поцврсти политики за враќање и реадмисија.

Директорот на Регионалниот центар (МАРРИ), Сашко Коцев, ос своја страна нагласи дека cо оглед на тоа што на околу 500 илјади нерегуларни мигранти во Европа им е наредено да се вратат во нивните матични земји, прашањето на реадмисијата е поитно од кога било досега.

Тридневната конференција во Охрид е втора средба од низата настани за подигнување на свеста, коорганизирани од страна на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ), Хилфсверк Интернешнл (Hilfswerk International) и партнерската организација Здружение за помош и развој ХАЈДЕ од Босна и Херцеговина. Состаноците се одржуваат во рамки на проектот „Намалување на нерегуларната миграција во ЕУ преку зајакнување на капацитетите на структурите поврзани со миграцијата во Западен Балкан“, кофинансиран од Фондот за азил, миграција и интеграција (АМИФ) и од Федералното министерство за внатрешни работи на Австрија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2021 16:09