Претставниците на црногорската Влада денеска презентираа модел на конфискација на имот од незаконско потекло, а законот по јавна расправа ќе биде испратен на усвојување во Парламентот.

За да може имотот да биде конфискуван, доволно е да се утврди во граѓанска постапка дека неговото потекло не може да се докаже. За конфискација на имот нема да биде потребно во кривичната постапка да се утврди дека е стекнат со криминал.

Црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ на прес-конференција рече дека ова може да се нарече и антимафијашки закон, додавајќи дека очекува поддршка од сите пратеници, а целта е да се стави крај на незаконското богатење на криминалци, функционери, мафијаши.

– Ако возите Ферари или оклопно возило, некој може да ви каже „Вие сте криминалец“, а нема доволно докази за да докажете дека сте криминалец, но ако не можете да докажете дека навистина сте заработиле пари за тој автомобил, стан, куќа, тоа ќе стане сопственост на Црна Гора, ја објасни Абазовиќ содржината на законот.

Правниот советник на Абазовиќ, Иво Шоќ, рече дека имало многу предизвици при изготвувањето на законот.

– Овој закон не е закон на инквизитори. Имотот ќе биде конфискуван преку судска постапка доколку не се докаже неговото потекло. Требаше да се избегнат стапиците на популизмот, рече Шоќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 03:46