Хрватскиот град Риека од наредното полугодие, во училиштата чиј основач е, ќе воведе бесплатни хигиенски влошки за сите девојчиња, најави на прес-конференција заменик-градоначалничката Сандра Крпан, пишува Нови лист.

Проектот за бесплатни хигиенски влошки во основните училишта во Риека е еден од проактивните одговори на градот Риека на резултатите од истражувањето за менструалната сиромаштија, но и прв чекор на патот кон воведување програми за здравствена едукација во училиштата во тој град.

Имено, како што најави заменик-градоначалникот на Риека, Горан Палчевски, се размислува за проект за здравствено образование, врз основа на успехот на Проектот за граѓанско образование во Риека, кој е широко признат и преземен од другите хрватски градови.

– Планот е до крајот на мандатот да се подготви програма за да може во вториот мандат да почнеме со квалитетна реализација на програмата за здравствена едукација, а воведувањето бесплатни средства за хигиена во училиштата е само мал чекор во таа насока, рече Палчевски.

Додавајќи дека со воведувањето бесплатни хигиенски влошки, Риека ќе се вброи меѓу големите земји и градови кои веќе го започнале проектот, Крпан рече дека и Градот Вараждин вовел таква пракса.

– Ова е тема која се уште е табу. Риека има 25 основни училишта со 2.269 девојчиња, а ние сакаме да се погрижиме сите девојчиња во училишните тоалети да имаат на располагање влошки. На тоа нè поттикна истражувањето на здружението „ПаРитер“ за менструалната сиромаштија, а темата е уште поактуелна со оглед на неодамнешните дебати во Собранието за намалување на ДДВ за овие хигиенски средства со цел да бидат подостапни за жените, рече Крпан.

Маринела Матејчиќ, координаторка на програмата за женски права и репродуктивна правда во риечкото здружение ПаРитер, предупреди дека недостигот на влошки не е единствениот проблем со училишните тоалети и дека менструалната сиромаштија не значи само недостиг на хигиенски средства, туку и недоволна едукација.

– Проблем се и несоодветните хигиенски услови во училиштата. Покрај хигиенските влошки, неопходно е да се обезбедат корпи за отпадоци. Неверојатно е во 21 век во некои училишта и факултети да нема топла вода и сапун или тоалетна хартија, предупреди Матејчиќ.

Истовремено, таа ги презентираше податоците од истражувањето на ПаРитер, кои покажаа дека покрај средствата за хигиена, на многу женски лица не им се достапни лекови за ублажување на болката, но и дека голем број од испитаниците сметаат дека такви залихи треба да има во јавните институции.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 03:52