Јужна Италија се подготвува за уште два дена разорни дождови и поплави додека реткиот медитерански ураган наречен „Медикен“ го опустоши овој регион.

Во невремето досега загинаа две лица, а сицилијанскиот функционер Нело Мусумечи потврди дека денеска е исчезнато уште едно лице.

Маж (53) загина откако неговото возило се заглавило во брзак во Катанија, на источниот брег на Сицилија, јави АНСА.

Полицијата верува дека тој излегол од возилото и се обидел да побегне од надојдената вода, но не успеал, а неговото безживотно тело подоцна било пронајдено.

Во слична трагедија загина и 67-годишен маж во Катанија, откако неговиот автомобил беше заглавен од вода и кал, а по неговата сопруга се уште се трага.

Градоначалникот на Катанија, Салво Поглиезе ги повика жителите да останат во домовите, доколку тоа е можно. -Имавме два многу тешки дена и поминавме низ драматични моменти, рече Поглиезе.

Тој вели дека временските услови се подобруваат, но предупреди и на лоша прогноза за утре и задутре и дека состојбата е доста загрижувачка.

Црвени предупредувања се издадени за островот Сицилија и во регионот каде се наоѓа градот Катанија, што веќе е зафатен од лошото време во текот на цела измината недела.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 11:52