Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот ќе зборува за ангажманот на американската администрација во овој дел на Балканот.

Ескобар учествува на сесијата организирана од поткомитетот за Европа, енергија, животна средина и висока технологија. Ова конгресно тело брои 20 членови, од кои 11 се членови на Демократската партија и девет членови на Републиканската партија.

„Гласот на Америка” јави дека Ескобар ќе зборува за американската политика кон Балканот во време на поизразени тензии во регионот, најмногу меѓу Белград и Приштина, во Црна Гора, но и во Босна и Херцеговина.

Во пресрет на сослушувањето, Ескобар во говорот пред учесниците на единаесеттиот Белградски безбедносен форум преку видео-врска кажа дека „многумина гледаат на Западен Балкан низ призмата на 1990-тите, додека Вашингтон тоа го прави низ призмата на 21 век”.

Американскиот дипломат нагласи дека желбата на САД е сите шест земји од регионот да станат членки на Европската унија.

-Тоа се европски земји, од кои некои постигнаа огромен напредок, а нивното пристапување во ЕУ не би претставувало опасност за постојните членки на Унијата, туку поголема можност, рече Ескобар.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 11:55