Во Бугарија денеска ќе се одржи национален протест на сопствениците на ресторани, хотели, спортски сали, трговски организации и детски центри против воведувањето на зелениот сертификат. Тој че биде одржан под мотото „Сите заедно! За здравје, работа, иднина, безбедност!“, јави дописникот на МИА од Софија.

Според незадоволните организации, воведените мерки се несоодветни и дискриминаторски.

Бугарската асоцијација на ресторани вчера соопшти дека од воведувањето на мерките имаат пад на прометот за 80 отсто – а истовремено нема помош за погодените сектори. Затоа, според демонстрантите, здравствената криза не се решава, туку е продлабочена во економска.

Протестот ќе почне во 15 часот во повеќе градови низ Бугарија – Софија, Пловдив, Бургас, Варна и Плевен. Во Софија протестот ќе биде на Орлов Мост.

Истовремено, во последните 24 часа, бугарските здравствени власти втор ден по ред регистрираа рекорден број новозаразени со Ковид-19 – 5640 лица, а починаа 154 лица, од кои речиси 95 отсто не се вакцинирани.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 13:54