Претседателката на Европската комисија, пред да замине за Рим каде ќе се одржи состанокот на 20-те најмоќни држави во светот, се обрати пред медиумите и ги соопшти амбициите на ЕУ за овој состанок, јави дописничката на МИА од Брисел.

Г20 состанокот ќе се одржи на 30 и 31 октомври во Рим, таму шефовите на држави и влади на дваесетте најразвиени земји во светот ќе разговараат за глобалните предизвици, пандемијата од Ковид-19, економијата но и климатските промени, во пресрет на Климатската конференција на Обединетите Нации, КОП26, во Глазгов во ноември.

Одговарајќи на новинарско прашање дека целите препорачани од научниците за намалување на глобалното затоплување под два целзиусови степени нема да биде реализирана според сите реалистични прогнози, претседателката фон дер Лајен инсистираше дека ова не смее да биде пречка да се биде амбициозен.

-Стартната точка не е добра, науката јасно кажува дека не сме таму каде што сакаме да бидеме и дека треба да испорачаме повеќе, сега, во оваа декада, не за 30 или 50 години, инаку ризикуваме да достигнеме неповратна точка, изјави попладнево во Брисел претседателката на Европската Комисија.

Таа додаде преговорите мора да постават високо ниво на амбициозност со сите партнери во светот.

-Не е прашањето кој е понапреден, прашањето е преживувањето на човештвото на оваа планета, каква планета ќе им оставиме на нашите деца, дали ќе направиме повеќе сега или ќе сведочиме сѐ повеќе екстремни метеоролошки феномени како што видовме летоска, и дали ќе блокираме ресурси за санирање на штетите наместо да инвестираме во иновации за подобрување, изјави шефицата на Европската Комисија.

Иако Европската е глобален лидер во однос на другите големи земји и блокови во однос на борбата против климатските промени, граѓаните и научниците бараат значително поголем напор, а фон дер Лајен попладнево призна дека ни ЕУ ни светот не се на патот да ги исполнат заложбите.

Што се однесува до состанокот на Г20 во Рим претседателката соопшти дека ќе се разговара пред сѐ за пандемијата и вакцините. Една од жешките теми е вакцинацијата на африканскиот континент каде ситуацијата е катастрофална. Фон дер Лајен уште еднаш се заложи за помош, но голем број организации сметаат дека за ефикасна помош е потребно укинување на патентите врз вакцините, нешто што Европската Комисија и земјите членки на ЕУ не се подготвени да го сторат.

Г20 состанокот ќе се фокусира и на планови за подготовка за идни пандемии. Пораката на ЕУ ќе биде дека мора да се оди кон структурни промени наместо ад-хок одговори како што беше случај со Ковид-19.

-Треба да се премости јазот помеѓу финансиите и здравството, ќе се состанат министрите за финансии и здравство, затоа што е потребно соодветно финансирање, рече фон дер Лајен.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 15:14