Рекордните цени на гасот го загрозуваат економското закрепнување на Европа, изјави денеска извршниот директор на руската нафтена компанија „Росњефт“, Игор Сечин. „Ваквото ниво на цените секако го загрозува закрепнувањето на европската економија. Рекордните цени станаа показател за шокот што го доживеа Европа“, нагласи Сечин на 14. Евроазиски економски форум во Верона.

Тој на сесијата „Структурни промени во економијата и иднината на енергетиката“, одржана во рамки на форумот, рече дека ограничените можности за производство на електрична енергија со помош на алтернативни извори доведоа до рекордни цени на природниот гас. Според него, долгорочните договори обезбедуваат одредена стабилност на пазарот на гас, но не гарантираат негова целосна стабилност.

Тој смета дека Русија и Европа треба да ги зајакнат мостовите на пријателство и меѓусебно разбирање и покрај политизирањето на енергетските прашања. „И покрај фактот што сега сме сведоци на политизација на енергетските прашања, Русија останува најважниот и најсигурен снабдувач на гас за Европа и ние не само што мораме да ги одржуваме, туку и да ги зајакнеме мостовите на пријателство и меѓусебно разбирање“, рече Сечин. Тој изјави дека разни фактори ја предизвикале гасната криза во Европа, а Русија само помага да се реши тоа.

Според него, гасната криза може да зголеми побарувачка за нафта за милион барели дневно што дополнително би ги зголемило цените на тој енергенс.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 15:33