Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ е избран за претседател на Советот на Прилеп на неговата конститутивна седница денеска, со новоизбраните 27 членови.

Проданоски беше и носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ при кандидирањето за локалните избори на 17 октомври.

Проданоски се заложи за отворени седници на Советот и за одлуки во интерес на сите граѓани.

-Очекувам конструктивна работа на советот, сериозни предлози и добри одлуки во интерес на сите граѓани на Прилеп. Ветувам како претседател на Советот дека ќе ги запазиме сите законски прописи, ќе работиме согласно со Статутот на општина Прилеп и Деловникот за работа. Седниците на советот ќе бидат отворени за сите граѓани, изјави Проданоски.

На денешната конститутивна седница на новоизбраниот совет беа верификувани мандатите на 27-те избрани советници од кои 15 се од ВМРО-ДПМНЕ, 10 од СДСМ и двајца советници се од Левица.

Новоизбраниот градоначалник на Прилеп Борче Јовчески, кој вчера и официјално ја презеде функцијата, нагласи дека очекува конструктивна работа.

– Очекувам дека во иднина заедно со сите советници и со Советот ќе работиме во интерес на граѓаните, рече Јовчески.

На седницата беше избрана и комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 15:39