Во односите меѓу Србија и Македонија нема посебни проблеми, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за белградска ТВ Н1. Тој воедно наведе дека иако земјите од регионот зборуваат за потребата од соработка, меѓусебните конфликти повремено излегуваат на површина, јави дописникот на МИА од Белград.

– Не би рекол дека има некои посебни проблеми. Има разбирање, мислам дека имаме повеќе или помалку заеднички цели. Имаме заедничка историја, минато, сакаме да имаме заедничка европска иднина. Србија тргна по тој пат, ги започна пристапните преговори, за жал ние се уште чекаме и тропаме на таа врата, иако бевме меѓу првите во регионот што го започнавме тој процес, изјави Димитров.

Тој потсети дека поминаа 20 години откако е потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, пред Хрватска.

– Хрватска оваа година слави осум години од членството, а ние се уште не сме го започнале тој процес. Како што знаеме, главната пречка беше Грција и проблемот со името, и ние го решивме тоа. И во моментот кога навистина ни требаше успех, сега, за жал, уште еден сосед, Бугарија, ни создава нова пречка. Заедно со Белград сме во иницијативата „Отворен Балкан“. Мислам дека тоа отвора дополнителни можности за соработка. Така да имаме чести контакти и средби, кажа Димитров.

Тој додаде дека Балканот, иако тоа понекогаш го сакаме и мислиме, не е центар на вселената и наведува дека Европа има други, внатрешни проблеми, проблеми со одлучувањето и функционирањето.

– И можеби легитимното прашање е дали со влезот на шесте држави од т.н. Западен Балкан ќе донесеме некоја вредност и решенија или ќе донесеме повеќе проблеми. Значи ние како регион имаме интерес да покажеме дека носиме решенија, дека сме доволно свесни да преземеме сами одговорност и да ги решаваме нашите проблеми. Колку повеќе соработуваме, толку стануваме повредни во очите на земјите-членки. Истото е и во економска смисла, кажа тој.

Според него, заедничкиот регионален пазар на некој начин е подготовка за влез на заедничкиот европски пазар.

– Важно е оваа иницијатива (Отворен Балкан) да биде отворена за сите бидејќи е малку тешко да се зборува за регионална соработка доколку не е вклучен целиот регион. Факт е дека од неа имаме очигледни придобивки. На пример, договор за взаемна помош при природни катастрофи. Мислам дека оваа иницијатива ни помага во начинот на кој не гледаат. Граѓаните на земјите-членки на ЕУ генерално не прават јасна разлика меѓу Србија и Македонија, оцени Димитров, кој додаде дека сликата и перцепцијата за регионот е приближно иста.

И затоа ни одговара, и од себична страна, додаде Димитров, кога има добри вести од Белград, од Подгорица. – Колку повеќе добри вести од една земја, толку подобро за целиот регион. Со тоа што треба малку да се прејдеме на дела. Зборуваме многу за регионалната соработка, а сепак имаме големи, очигледни проблеми. Повремено тие избиваат на површина, па ги совладуваме, па пак избиваат, пак ги совладуваме, наведе Димитров.

Запрашан како гледа на последниот извештај на ЕК за напредокот, Димитров вели дека македонските граѓани со нетрпение го очекувале тој извештајот.

– Тоа беше на некој начин оценка каде се наоѓа земјата, важна за владата, важна за народот. За жал, нашето искуство е лошо, бидејќи првиот позитивен извештај да сме подготвени, го добиеме пред 12 години, 2009 година. И оттогаш имаме низа позитивни извештаи, но тие не беа придружени со никакво дејство, не се одразуваат на почетокот на преговорите. Јасно е дека е подобро да се има добар извештај наместо негативен, но на некој начин кога земјите-членки не ги почитуваат препораките на Комисијата, тогаш тежината на тој извештај паѓа, кажа тој и посочи дека мора да се соочиме со реалноста дека европската интеграција на регионот е во криза и дека довербата паѓа. Така да европското ветување од Солун во 2003 година бледи. Луѓето со право се прашуваат дали ова е вистина, дали е реално еден ден да станеме дел од ЕУ. Мислам дека ова треба да не загрижува и дека треба искрено да разговараме за тоа, рече Димитров.

Тој додаде дека македонските граѓани се разочарани и загрижени, предупредувајќи дека поддршката за евроинтеграциите постепено опаѓа.

– Сè уште е голема, но постепено паѓа. И верувањето дека е тоа е можно,опаѓа. Ова истовремено ги ослабува проевропските и прореформските политички сили. И ние и ЕУ имаме одговорност да го направиме проевропското гласачко ливче за победничко. Направивме голем напредок, решивме многу тежок проблем со Грција. Но, на гласачите им ветивме и членство во НАТО, што се оствари, и ветивме почеток на пристапните преговори и многу е важно да се исполнат тие ветувања. Не го ветивме ние тоа само така, тоа не ни падна од небо, туку се фокусиравме на ветувањата што ни ги дадоа Брисел и другите европски градови. Ако не го исполнат ветувањето што ни го дадоа, ние не можеме да го исполниме ветувањето што им го дадовме на Македонците и на сите други народи кои живеат во Македонија, истакна Димитров.

Тој оцени дека тоа „го искривува наративот и ни прави огромен проблем, бидејќи ако ЕУ е куќа која има куќен ред, електрични инсталации, вода, ние сме една соба во таа куќа која е надвор од куќниот ред и оти тоа не е само наш проблем, туку и на другите соби во таа куќа, оцени тој.

Димитров смета дека за Европа или ЕУ е „многу поскапо да го игнорираат Балканот отколку сериозно да се ангажираат и да ни помогнат да го направиме европски – европски во смисла на здрава демократија, правда, слободни медиуми, човекови права, европски стандарди. Европа да ја донесеме кај нас. Затоа што ако не го направиме тоа, младите ќе ја бараат својата иднина некаде надвор од државата.

Зборувајќи за односот со Бугарија, Димитров кажа дека во интервју за Би-Би-Си, на прашањето за пријателството со таа земја, одговорил да тие со нивната политика кон Македонија тоа доста го отежнуваат.

– Негирањето на јазикот на соседот не може да биде пријателски чин. Или да не го прифатите неговото право на самоопределување. Јас, Никола, сум Македонец, Балканец, Европеец и на некој начин граѓанин на светот. Јас не дозволувам во мојот идентитет да се меша ни мојата земја, а не некоја трета земја. Јасно ми е дека земјите-членки имаат свои интереси и сакаат да ги исполнат користејќи ја својата тежина како земја-членка на Унијата, каде што ние сакаме да влеземе, кажа Димитров.

Тој посочи дека, сепак, мора да се има одредена пристојност во барањата. Што ќе се случи ако утре некоја земја-членка побара од нас, на пример, да и дадеме половина од нашата територија, праша Димитров.

– Мора да има однос меѓу барањата и вредностите на ЕУ. Во Лисабонскиот договор, еден од уставните столбови на ЕУ, се наведува дека европскиот континент е континент кој ја слави културната и јазичната различност. Е сега македонскиот јазик не може да биде проблем ако одиме како организација која ја слави различноста. Не може да се поставуваат антиевропски услови на патот кон ЕУ, ако таа е сè уште европска. Ние сме во класична ситуација кога историските прашања, кои не се актуелни во 2021 година, кои можеби беа актуелни на почетокот на 19 век, ја држат во заложништво иднината. Ние не можеме да го промениме минатото, ниту пак географијата. Единственото нешто што можеме да го промениме е денес и утре. Се надевам дека ќе најдеме начин, влогот е огромен. Бугарија со тоа што го однесе во Брисел, билатералното прашање го претвори во европско. Не сме само ние блокирани, блокирана е политиката на ЕУ кон Балканот, кон регионот, заклучи вицепремиерот Никола Димитров во интервју за ТВ Н1.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 15:55