Шпанската Влада има намера да забрани рекламирање на штетни прехранбени производи наменети за деца, соопшти денеска Министерството за потрошувачка.

Владата ќе го регулира рекламирањето на прехранбени производи кои се штетни за здравјето на малолетниците за да ги заштити нивните интереси од оние на прехранбените компании, соопшти Министерството преку својот Твитер налог. Во Шпанија секое трето дете страда од прекумерна тежина или дебелина, а рекламирањето на штетна храна е една од причините за овој тренд.

„Новото правило воведено од владата ќе го ограничи рекламирањето на кондиторски производи, сладолед, сокови или енергетски пијалоци наменети за деца под 16-годишна возраст”, ​​соопшти Министерството. Дополнително, нема да биде дозволено рекламирање на пијалоци, храна и сосови со додаден шеќер или кои содржат повеќе од 225 kcal на 100 грама.

Според ЕФЕ, властите ќе забранат рекламирање на такви производи на телевизија, медиумите и социјалните мрежи. Одлуката се очекува да стапи во сила следната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2021 16:01