Џад Лоу и Мишел Вилијамс ќе глумат во психолошката драма „Firebrand“ (Неумоливиот), која раскажува за животот на англискиот крал Хенри Осми. Како што пренесува „Дедлајн“, Вилијамс ќе ја глуми Кетрин Пар – шестата и последна сопруга на деспотскиот владетел (Лоу).
Според гласините, филмот ќе раскажува како Кетрин Пар успеала да го преживее овој брак… Оти, нејзините претходнички биле или протерани, или обезглавени, или починале при породување. Филмот е во режија на Бразилецот Карим Ајнуз, чии филмови повеќепати биле прикажувани на филмски фестивали.
– Оваа жена заслужува посебно внимание и посебна приказна. Претходно имаше многу приказни за кралот и за судбината на неговите мртви сопруги. За нас е важно да ја погледнеме силната жена. Ова е модернистички поглед на класичната приказна за убавицата затворена во замок со чудовиште, рече Ајнуз.
Сценариото е на Џесика и Хенриета Ешворт, кои работеа и на популарната криминална серија „Убивајќи ја Ева“ (Killing Eve). Датумот на прикажувањето на „Firebrand“ сѐ уште не е познат, но филмот ќе се снима и во замок од времето на Хенри Осми, односно изграден некаде во 16. век.