Враќањето на човекот на Месечината во рамки на американскта програма Артемис е поместено од 2024 за „најрано во 2025“ година, изјави директорот на НАСА Бил Нелсон.
НАСА чекаше решавање на правниот спор околу развојот на систем за слетување на Месечината за да објави нова временска рамка.
„Изгубивме седум месеци поради спорот и веројатно затоа го одложивме првото човечко слетување за најрано до 2025 година“, рече Бил Нелсон на прес-конференција.
„И од други причини“, додаде тој.
Крајниот рок за 2024 година беше поставен од администрацијата на Доналд Трамп, но тој беше „технички неостварлив“, посочи Нелсон.
Тој, исто така, го критикуваше недостатокот на средства што Конгресот ги одвои во последниве години за развој на систем за слетување на Месечината.
Тој најави и дека сега „можниот датум на поаѓање“ на мисијата Артемис 2, која е прва во програмата со астронаути, но нема да слета на Месечината, е „мај 2024 година“.
„Оваа втора мисија, која беше планирана во 2023 година, ќе оди најдалеку колку што човекот некогаш дошол. Веројатно речиси 65.000 милји зад Месечината и потоа ќе се врати на Земјата“, рече Бил Нелсон.
Артемида 1, првата пробна мисија на Месечината без астронаути, е најавена за февруари 2022 година, како што беше планирано, пишува „Index.hr“.