Три постапки се во тек за вонбрачните партнери Е.Р. и Р. П. откако 45-годишен кавадарчанец доби 30-дневен притвор за убиство на 59-годишен сограѓанин, потврди за МИА Министерството за труд и социјална политика.

За случајот во јавноста излегоа информации дека во расправијата се вклучени повеќе луѓе, а причината била старателство врз дете од вонбрачна заедница.

Отворените постапки во Центарот за социјална работа во Кавадарци се за доверување на малолетното дете П. М родено во вонбрачна заедница, за уредување на личните односи и непосредните контакти на детето со таткото П. Р., како и за постапка за семејно насилство.

-Центарот за социјални работи согласно своите законски надлежности постапувал по добиените барања и согласно законските прописи, земајки го предвид најдобриот интерес на детето донел соодветно законско решение. Поради непочитување на донесеното законско решение,центарот применува други методи и техники за надминување на настанатата ситуација. Во однос на семејното насилство, во времето на негово случување, согласно Законот за заштита и превенција од семејно насилство, од страна на стручниот тим примени се сите законски процедури за заштита на мајката и детето, стои во писмениот одговор од Министерството.

Претходно, од Центарот за социјални работи информираа за МИА дека ја контактирале мајката на детето Е.Р. која ги известила дека по сознанието за настанот што се случил, уште истата вечер, заедно со малолетното дете ја напуштила територијата на општина Кавадарци и се наоѓа на друга територија каде се чувствувала безбедно.

-ЦСР Кавадараци ќе преземе мерки согласно Законот за семејството кои се во интерес на правата на детето, стоеше во претходниот одговор за МИА доставен од Министерството за труд и социјална политика.

Според МВР, завчера околу 04:30 часот во Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица го лишија од слобода Х.С.(45) од Кавадарци. Тој се сомничи дека претходно околу 23.30 часот, при физичка пресметка меѓу повеќе лица на улицата „Методија Џунов“ во „Брушанско Маало“, со остар предмет му нанел убодна рана на З.П. (59) од Кавадарци кој подоцна починал во болницата во Кавадарци.

Во врска со настанот во Полициската станица досега е извршен разговор со С.А.(37), А.А.(63), А.М.(42) и Џ.Х.(19), сите од Кавадарци.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2021 12:04