Најмалку девет лица загинаа, а 49 се заробени и се водат за исчезнати во несреќата во рудник за јаглен во регионот Кемерово, во Сибир, соопштија руски официјални лица.

Руските власти соопштија дека добиле повик околу 8.35 часот по локално време (2.35 часот по средноевропско време), кога било соопштено дека е забележан чад во рудникот Листвјанжаја во сибирскиот регион Кемерово, каде што се наоѓаат бројни рудници за јаглен.

Според прес-службата на гувернерот на областа, Сергеј Цивилев, во моментот на несреќата во рудникот имало 285 рудари.

-Најмалку девет лица загинаа, а 49 се заробени во рудникот, рече изворот, додавајќи дека нема контакт со рударите кои се водат како исчезнати.

„Спасувачките операции во рудникот Листвјанжаја се во тек. Вкупно 237 лица се извлечени на површината, а 45 се повредени”, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации на Телеграм.

Министерството соопшти дека на местото на несреќата биле екипи од пожарникари и спасувачи.

Според соопштението на локалните власти, 19 екипи од специјализирани спасувачи од Министерството за вонредни состојби се на местото на несреќата и се обидуваат да стигнат до најоддалечената галерија во рудникот каде што би можеле да бидат исчезнатите рудари.

Спасувачите наведуваат дека вентилациските системи во рудникот функционираат и дека нивото на гас е минимално.

Локалниот истражен комитет одделно соопшти дека е во тек истрага за можно прекршување на безбедносните прописи.

И во 2004 година во истиот рудник дошло до несреќа, кога во експлозија на метан загинале 13 лица



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2021 12:28