Седумнаесетгодишниот Александар Милошевски од Куманово, велосипедист на клубот „Вело М Термалифт" за само година и половина со тренинг и посветеност успеа да стане државен шампион во ридски велосипедизам.

Ученикот во трета година од гимназијата „Гоце Делчев" почнал да тренира од средината на 2020-та година.

Првиот поголем успех го постигнал на државното првенство во хронометар освојувајќи го првото место во конкуренција кадети-првата трка на која воопшто учествувал. На државното првенство во планински велосипедизам постигнал значаен успех во истата конкуренција и моментно е државен ридски шампион за 2021-ва година.

Младиот велосипедист учествувал и на две европски првенства во Србија и во Италија, во Нови Сад во планински велосипедизам и во Тренто, Италија во друмски велосипедизам. Двете учества ги оценува како непроценливи.

Дневно тренира најмалку два часа, неделно од десет до дванаесет часа. Освен возење велосипед, Милошевски практикува и трчање како и тренинг за општа издржливост. Тој тренира со сите видови велосипеди, со друмски и планински, а моментално со цикло крос велосипед.

– За година и половина постигнав значајни успеси. Ридскиот велосипедизам ми е омилена дисциплина каде што сум првак. Станува збор за возење велосипед на ридски терен. Малку истражував и заклучив дека успешноста зависи од конституцијата на телото и можноста за регенерација на мускулите. Тоа за мене е предизвик, кој досега успешно го совладувам заради мојата градба на телото. За нијанса е потешка од обичната друмската трка, но мене лично ми одговара, објаснува Милошевски.

И спортскиот директор на велосипедскиот клуб „Вело М Термалифт", Марјан Петровски е задоволен од постигнатите резултати на младиот Милошевски. Клубот има одлична велосипедска школа кој континуирано создава добри велосипедисти.

– Милошевски е еден од најталентираните велосипедисти во државата. За кратко време се наметна на натпреварите во државата и надвор од неа, ја носи титулата државен шампион. Најважно за него како велосипедист од јуниорската категорија е што оваа сезона се најде на две европски првенства во планински и друмски велоспедизам и само за година и половина се наметна како еден од најуспешните. Горди сме на неговите успеси, вели Петровски.

Во натпреварувачката сезона 2021, клубот екипно е шампион во друмски велосипедски спорт и велосипедистите го освоиле најдобриот резултат во историјата на клубот. Тие се државни правци, ја носат титулата државен шампион хронометар и друмско возење, во сениорска, јуниорска и кадетска категорија.

Во однос на меѓународните трки, Петровски ја издвои победата на трката низ Албанија, „жолтата маица" што се дава на најдобриот велосипедист и „белата маица" за најмлад велосипедист, што е извонреден резултат за клубот, кој го освои второто место. Тој информираше дека клубот екипно е шампион во државата во друмско-велосипедски спорт.

Клубот е формиран 1993-та година и оттогаш е во врвот на македонскиот и балканскиот велосипедизам. Неговите спортисти се повеќекратни македонски шампиони во скоро сите категории, а Милошевски само го потврдува тој успех. Клубот ја почнува сезоната наскоро, велосипедистите ќе посветат внимание на вело-крос, дисциплина која се вози во парк-шума, во македонскиот шампионат им претстојат четири натпревари. Во февруари, идната година почнува роадбајк, каде почнуваат подготовките со Милошевски и останатите велосипедисти. Петровски најави дека тренингот ќе се спроведе во Албанија во Турција поради добрите временски услови. Тој очекува одлични резултати од сите негови велосипедисти, вклучително на Милошевски и во државата и странство.

Александар напорно се подготвува за претстојната натпреварувачка сезона. Како предност ги смета учествата на натпреварите во странство. Најдолгата рута од 160 километри ја возел во Албанија. Негова втора љубов е „цикло крос" која комбинира друмски и планински велосипедизам на која се вози со сличен велосипед кој се користи за друмско возење со подебели гуми, кој заради конфигурацијата на теренот во некои моменти бара да се носи на раце.

Професионално тренира година и половина, но љубовта кон велосипедизмот му е од најрана возраст. Секојдневно возел велосипед и дневно поминувал најмалку пет километри. Со оглед на онлајн наставата Милошевски имал потреба да се рекреира и да вози и во тој период се посветил на тренингот

– Тоа го доживував како релаксација и хоби, кое прерасна во професионален ангажман. На почеток ги истражував блиските места во кумановско, понекогаш сам, некогаш со другарите, вели Александар.

И спортскиот директор Петровски смета дека токму за време на пандемијата успеале целосно да се посветат на тренингот. Спортистите тренирале на отворено без да се групираат, почитувајќи ги здравствените мерки. Трките се одржувале слободно и во државата и светот, со почитување на мерките, пропишани од македонските и здравствените власти во земјите каде учествувале.

И во зимски услови, Александар не се откажува од тренинг.

– За среќа, кај нас зимите се благи, нема долготрајни денови со снег. Користиме професионална опрема и не ни претставува проблем. Доколку има снег или е многу студеното вежбаме на тренажер кој е сличен на статичен велосипед со понапредна технологија, вели Милошевски.

Професионално почнал да се занимава во екот на пандемијата. И годинава и покрај училишните обврски редовно успева да тренира и во истовреме е одличен ученик во природно-математичката струка.

– Ако се сака сè се може. Верувањето во стереотипот дека мора да се одбере или спорт или образование е причината поради која младите не се осудуваат да ги пробаат и двете работи. Спортот не претставува пречка за да се биде успешен на училиште и обратно, вели младиот велосипедист.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2021 16:34