Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Абељард Тахири изјави дека владејачкото мнозинство е во длабока криза, која може да се реши со распишување нови парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето обраќање пред новинарите по новиот неуспешен обид на Претседателството на Собранието да одржи седница, Тахири реече дека, по поразот на локалните избори одржани на 17 октомври и 14 ноември (вториот круг), партијата на власт, Движење самоопределување, предводена од премиерот Албин Курти, ја изгубила волјата за владеење.

– Парламентарниот грч најдобро би се решил со нови избори, затоа што сме влезени во постојана криза на Собранието. Очигледно е дека тоа е последица на длабоката криза кај мнозинството, кое по локалните избори гледаме дека нема волја да владее. Немаат волја да бидат присутни во Собранието, вие гледате дека не доаѓаат ниту министрите ниту пратениците, рече шефот на пратеничката група на ПДК, која е најголема парламентарна опозициска партија.

Тој ја повика владата на Курти да почне да се однесува одговорно, или да го врати мандатот на народот.

– Ова мнозинство има две можности: Или да го врати мандатот на народот, или да ја води земјата. Го повикуваме мнозинството, кое го доби мандатот токму од народот, да се вратат, да бидат поодговорни кон мандатот и да ја надминеме оваа криза, рече Тахири.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2021 15:04