Невакцинираните Грци кои до 16 јануари 2022 година нема да закажат термин за вакцинација со прва доза од вакцината секој месец ќе плаќаат административна казна од 100 евра, е новата мерка за невакцинираните во Грција што ја соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешната владина седница и воедно најави дека вакцинацијата за оваа старосна група станува задолжителна, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека парите, законски, ќе одат во специјален фонд од кој ќе се финансираат болниците и истакна дека не станува збор за казнување, туку за заштита.

Тој потенцираше дека тројца од четворица Грци над 12 години веќе се вакцинирани, дека Грција е втора во Европа во однос на темпото на вакцинација со трета доза, но само една старосна група доцни во однос на другите, а тоа се граѓаните на возраст од над 60 години, каде што од 580.000 невакцинирани, во ноември се вакцинирале само 60.000.

– Нашето внимание сега се насочува токму кон овие наши сограѓани и затоа нивната вакцинација отсега станува задолжителна, истакна Мицотакис додавајќи дека оваа одлука лично него го измачувала.

Дополнително, најави бесплатни селф тестови, односно тестови за домашна употреба во пресрет на божиќните и новогодишните празници.

Поконкретно, во периодот од 6. до 12 декември секој возрасен граѓанин, без разлика дали е вакциниран или не, ќе добие еден бесплатен селф тест, за како што рече Мицотакис, да се откријат евентуални асимптоматски случаи пред Божиќ, а истото ќе се повтори и во периодот од 3. до 7 јануари „за следење на текот на пандемијата за време на празниците”.

Грчкиот премиер истакна дека она што денеска го соопшти се праведни мерки и се „мерки за поттикнување, а не на репресија”.

За варијантата Омикрон објасни дека „повеќе ќе знаеме за околу две седмици”, додавајќи дека сигурно „порано или подоцна ќе се појави и во Грција”.

– Затоа, треба да продолжиме да ја спроведуваме нашата политика со уште поголема брзина. Со други зборови, треба да добиеме време. Вакцинации, многу тестови, спроведување на сертификатот за вакцинација и мерки на лична заштита. Ова е одговорот, а не локдаун, истакна Мицотакис.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2021 16:18