Албанскиот претседател Илир Мета преку објава на Фејсбук вечерва го поздрави ставот на Бугарија која предлага што поскоро почеток на преговорите за членство на Албанија во Европската унија.

– Го поздравувам ставот на Бугарија, која предлага што поскоро почеток на преговорите за членство на Албанија во Европската унија. Напредокот на секоја земја врз основа на индивидуалните заслуги е еден од клучните принципи усвоени на Самитот во Солун во 2003 година, пишува Мета. Додава дека ќе продолжи да го поддржува и охрабрува секој чекор што ја води земјата кон европско членство, во исполнување на националната стратешка цел.

– Исто така, останувам убеден дека Северна Македонија постигна огромен напредок и во спроведувањето на реформите и во постигнувањето историски договор како оној во Преспа. Го поздравувам достоинствениот став на македонските власти да продолжат непоколебливи во проевропскиот курс на реформи кои им служат на граѓаните и на стремежот за членство во ЕУ, посочува Мета во објавата. Албанските медиуми пренесуваат вест дека Бугарија не се откажува од ветото кон Северна Македонија, но оти предложила да почнат преговорите на Албанија со ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2021 01:51